Автентикацијата преку passkey ќе ги замени лозинките и на платформите на Meta, почнувајќи од Facebook на мобилните уреди, а потоа и на Messenger.
Од Meta соопштија дека ќе им овозможат на корисниците најава и потврда на идентитетот преку технологија на безбедносни клучеви (passkeys), наместо класичната проверка преку корисничко име и лозинка.
Безбедносните клучеви се посигурен начин за најава кој користи уникатен потпис на уредот и некој од биометриските елементи (отпечаток од прст, скенирање на лице) или PIN код, за да го идентификува корисникот и да му овозможи пристап до неговата сметка.
Кога се користи ваков начин, нема опасност некој што ќе дојде до вашата лозинка да успее да ви го пробие профилот. Дополнително, најавата со безбедносен клуч е поедноставна од внесување лозинка.
Најпрвин за Facebook
Meta ќе ја воведе оваа технологија најпрвин во мобилните апликации на Facebook за iOS и Android, а потоа поддршка ќе добие и Messenger – кој ќе го користи истиот безбедносен клуч што претходно е поставен за Facebook. Во иднина, сѐ што ќе биде потребно за најава на Facebook преку мобилен уред ќе биде вашиот уред, заштитен со биометрија или PIN код.
Технологијата е развиена според препораките на FIDO алијансата, каде што Meta е активен член. Од компанијата велат дека безбедносните клучеви, отпечатоците од прсти, сликите од лице и PIN кодовите се чуваат исклучиво на уредите, и дека Meta нема пристап до нив.
Passkey, еднаш креиран за најава на Facebook, ќе може да се користи и за потврдување плаќања во апликацијата, за корисниците на Meta Pay.
Поставувањето трае само неколку моменти, а во наредниот период Facebook ќе ги потсетува корисниците на оваа функција преку апликацијата, штом таа стане достапна.
Креирањето на безбедносни клучеви ќе се врши преку поставките на апликацијата (секцијата Accounts center).