Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија денеска ќе се одржи Камерен концерт за глас и пијано на Ева Живковска на сопран и Горјан Стојановски на пијано. Во програмата на концертот се застапени композиции од Хенри Пурсел, Петар Илич Чајковски, Сергеј Рахмањинов, Винченцо Белини, Џакомо Пучини и Антонин Дворжак.
-Младите македонски музичари со својата изведба ќе ја оживеат палетата на чувства и приказни, носејќи ја публиката низ разновидни епохи и жанрови, од барокот до современата музика, со доза на регионални и народни елементи. Ева Живковска и Горјан Стојановски се двајца млади, но веќе реномирани уметници кои во своите области се истакнуваат со изразита професионална компетентност и непоколеблива страст кон музиката, соопштија од Македонскиот културно-информативен центар во Софија.
Ева Живковска е талентирана македонска сопранистка. Родена во Скопје во 2001 година, Живковска своето музичко образование го започнала и завршила во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, а пеењето го започнала на 15 години, истакнувајќи се со посветеност и професионализам уште од самиот почеток. Веќе на 16 години дебитирала со Македонската филхармонија, што претставува значаен чекор во нејзиниот креативен развој и ја позиционира како млад уметник кој има капацитет за значајни музички достигнувања.
-Нејзините професионални настапи вклучуваат настап на истакнати настани, како што е изведбата на македонската химна пред македонската делегација и академиците во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во 2018 година, што ја претставува како уметнички амбасадор на својата земја, велат од Македонски културно-информативен центар во Софија.
Горјан Стојановски е роден во Битола во 2003 година, и тој уште од рани години покажува извонреден талент за пијано, започнувајќи го своето музичко образование под менторство на врвни професори. Основното музичко образование го започнува во Државното музичко училиште во Битола, а подоцна се усовршува во престижниот ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, каде неговите професори, меѓу кои проф. м-р Катерина Ќетковиќ – Фидановска, имаат значителна улога во неговиот развој.
На бројни натпревари Стојановски постигнува високи награди, што ја истакнува неговата техничка и уметничка зрелост. Меѓу најистакнатите се – трета награда на натпреварот „Даворин Јенко“ во Белград, втора награда на меѓународниот натпревар во организација на здружението „Chopin“ во Малезија, прва награда на натпреварот „Полихимнија“ и наградата за најдобра интерпретација на дело од Бетовен. Неговите успеси продолжуваат и во Словенија, каде освојува I награда на пијано натпреварот во Идрија, и на државниот натпревар „Хармонија“ во Македонија.
Стојановски моментално ги продолжува своите студии по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Елена Атанасовска-Ивановска, каде се стреми да го унапреди својот стил и технички капацитет. Со својот несекојдневен талент и менторството на врвни професионалци, Горјан прераснува во вистински претставник на новата генерација музичари, кој успешно ја комбинира својата пијанистичка вештина со прецизноста и чувствителноста на диригирањето.