Германскиот „Велт“ објави помалку шокантна информација дека УЕФА би можела да ѝ изрече строга казна на Барселона и да ја исфрли од учеството во Лигата на шампионите!
Случувањата околу Суперлигата во која Барса е еден од основачите и сите останати проблеми со финансиите во клубот, можат да бидат причина повеќе за УЕФА да се реши на оваа драстична мерка против каталонскиот гигант. Медиумот наведува дека поважната причина се финансиските малверзации и покритието за тригодишниот циклус на трошоци, но и случајот со Суперлигата може да влијае врз конечната одлука.
„Велт“ пишува дека „финансиската состојба на Барселона е хаотична и клубот се соочува со жестока казна“, иако клубот годинава пријави нето приход од 304 милиони евра и покажува знаци на стабилизирање. Доколку УЕФА се реши на спроведување на казната, таа би претставувала неучество во елитниот ранг во времетраење од една до три години. Ова секако би бил огромен удар за Барса, која и онака е во големи проблеми, но многумина во јавноста сметаат дека ова е само уште еден „блеф“ на УЕФА за да ги одврати клубовите од идејата за формирање на Суперлигата.
Доколку казната биде применета, истата ќе започне од почетокот на следната сезона. Барселона во моментов е учесник во осминафиналето од Лигата на шампионите, каде ќе ги одмери силите во двомечот со италијанскиот шампион, Наполи.