Република

Нема пријави за каснување од змии во кумановско, надлежните апелираат на внимателност

Една од најголемите заблуди е дека змиите секогаш први напаѓаат.

Нема пријави за каснување од змии во кумановско, надлежните апелираат на внимателност

Во кумановско досега нема пријави на каснувања од змии, но надлежните препорачуваат граѓаните да внимаваат особено планинарите, спортистите и земјоделците. Од Планинарско-спортскиот клуб „Поларис“ велат дека планинарите често имаат средби со змии, но дека тие во исклучително ретки случаи можат да ги нападнат луѓето.

– Една од најголемите заблуди е дека змиите секогаш први напаѓаат. Тоа е апсолутно неточно, бидејќи низ годините многу пати сум сретнал змии на планина, во неколку наврати многу блиску, до самата чизма. Змијата напаѓа само ако е нападната прва, т.е. ако ја згазнеме или ако не ја видиме и седнеме врз неа, појаснува Бобан Стефковски, претседател на Планинарско-спортскиот клуб „Поларис“ од Куманово.

Кумановските планинари се придржуваат до основните правила кои им ги пренеле поискусните колеги, се движат во група и создаваат вибрации, носат планинарски стапчиња, облечени се соодветно со планинарски чизми, долги панталони. Свесни се за опасноста дека не треба да се движат во предели на висока трева и кога е време за пауза, внимаваат каде седнуваат, го проверуваат местото.

– Во разговор со неколку доктори на оваа тема, најдобра и најбезбедна опција е повредниот да се пренесе итно во болница, вели Стефановски.

Ако нема мрежа на мобилниот телефон или соодветна медицинска установа во близина, тогаш самите планинари треба да интервенираат, односно да го однесат повредениот што е можно поблиску до локација каде има мрежа и да побараат помош.

– Повредниот тогаш би требало да избегнува секакво движење, каква било физичка активност, значи апсолутно мирување, затоа што секое движење или напор го забрзува срцебиењето, а со тоа и циркулацијата на крвта која пак го забрзува ширењето на отровот низ целото тело. Веднаш во истиот момент се делат насоки на другите околу него – еден да го регистрира времето на каснувањето, друг да се обиде да ја препознае, запомни и опише шарата на змијата за подоцна во болница да знае да каже дали повредниот бил каснат од отровна или неотровна змија. Трет член да го имобилизира каснатото место. Секогаш имобилизацијата треба да биде на пониско ниво од срцето (имајќи предвид дека каснувањата скоро секогаш се во нога или рака), бидејќи тоа ќе го забави спроведувањето на отровот низ телото. Каснатиот секогаш се транспортира во лежечка положба, со правење на импровизирана носилка до првото превозно средство или до првиот момент каде може да се сретне медицинската екипа, појаснува Стефановски.

Во Итната помош во Куманово има доволни количини противотров

Од Итната помош во Куманово во изјава за МИА велат дека имаат доволно противотров за каснувања од змии. Лекарите советуваат да се носи соодветна облека и да се внимава при поминување на одредени места. И од здравствената установа велат дека неколку години немале случај на каснат од змија, а претходно имале по еден до двајца случаи, обично земјоделци од соседната општина Старо Нагоричане.

– Имаме доволно количини на антивипериум. Ако се случи кансување, треба веднаш да не повикаат, наша екипа се упатува, се боцка субкутано на местото на убодот, најчесто тоа е на нозе и една ампула се дава интрамускулно. Ги префрлуваме повредениот на Инфективното одделение, вели Христина Краиновиќ, д-р специјалист по ургентна медицина која работи како лекар во Итната помош во Куманово.

Змиите не се закана, важен дел се од екосистемот

Само една пријава за смок во бунар во викендичка во општина Старо Нагоричане добила специјализираната компанија во Куманово за оваа дејност. Оттаму велат дека граѓаните не треба да стравуваат затоа што во земјава има само три опасни видови на змии кои живеат на надморска височина над 1.000 до 1.500 метри и минимални се шансите човек да има средба со нив. Годинава, поради врнежливото време, намален е бројот на повици.

– Лани имавме неколку интервенции. Но, многу почесто во другите градови, отколку во Куманово кои се јавуваат во компанијата „Плант Медика“. Имавме една змија која беше скриена во багажник од автомобил кој бил на поправка во Велес и една во стан која се скрила во панел за електрична енергија. Реагиравме и навреме ја отстранивме во природа. Во ниту еден случај не смее да се убие смок, не смееме да го нарушиме ланецот на исхрана во кој овие влекачи се важни, вели Владимир Димковски, сопственик на единствената специјализирана фирма за оваа дејност во Куманово.

Најчесто храната е извор на привлекување на змиите, затоа е важна и дератизацијата којашто го контролира бројот на глувци, бидејќи влекачите се хранат со глувци и жаби. Димковски вели дека во еден случај во Куманово морале да срушат и гипскартон во кој бил скриен смок, за кој вели дека бил убав примерок долг два метри.

– Годишно имаме од пет до десет единки на кои интервенираме по повик, тие се залутани или збунети. Мора да признаеме дека ние со урбанизацијата навлегуваме во нивна територија, вели Димковски. Најчесто пријави стигнуваат од пооддалечените средини како викендички и приградски населби.

Димковски има речиси триесетгодишно искуство, надополнето со едукација во САД и сертификат за работа од Ветеринарниот факултет. Телефонскиот број на неговата фирма е регистриран и во Центарот за управување со кризи, што значи дека и државните служби упатуваат граѓани кон компанијата.

Потребна е едукација на населението

Планинарите препорачуваат дека најдобра заштита за каснување од змија е движењето по маркирани планинарски патеки и следење на траекторијата на движење по инструкции на водичот.

– Како и за сите опасности на планината, дефинитивно треба кампања и за опасноста од каснување од змии. Меѓутоа, во ваквите кампања треба секогаш да се има предвид дека змиите како животни никогаш не треба да се претстават во негативност светло, затоа што тие имаат клучна улога во екосистемот, најмногу како контрола на популацијата на глодарите. Исто така, природата и планините се нивниот дом, ние сме гостите таму, и треба да се однесуваме како вистински гости, со почит спрема секое животно, да примерни и да оставиме што можеме помалку човечки траги зад нас, вели претседателот на Планинарско-спортското друштво „Поларис“. (МИА)

To top