ВМРО-ДПМНЕ утврди и обзнани кандидати за градоначалници за 25 општини за годинашниве Локални избори 2025. Тоа го направи на 5-6 месеци пред одржувањето на локалните избори, што е нова пракса, нова парадигма, а со самото тоа и нов квалитет, за изборите, изборните кампањи, па ако сакате и изборната пракса во Република Македонија. До сега, во сите изборни циклуси, без разлика дали се работи за пратеници, членови на советите на општините или градоначалници, политичките партии најчесто листите за кандидати ги обзнануваа и поднесуваа, во последен момент “во пет до дванаесет“, вели за Курир аналитичарот Сотир Костов.
Кандидатите за градоначалници со кои ќе настапи ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори веќе имаат докажано како успешно се менаџира една локална самоуправа.
Актуелниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, е еден вид предводник на оваа листа на предложени кандидати за градоначалници. Тој по трет пат ќе побара доверба од граѓаните на Кавадарци, кои без сомнение и овој пат ќе го поддржат. Во изминатите 8 години тој покажа како се менаџира единица на локалната самоуправа, каква што е општината Кавадарци, а потврда за тоа се големиот број на признанија и награди(домашни и меѓунардни) за најдобар градоначалник. Според постигнатите резултати во своето досегашно работење, рамо до рамо, со него се и големиот бројот на актуелни градоначалници кои ќе бараат од граѓаните втор мандат.
Тоа се: за Битола, Тони Коњановски, за Охрид, Кирил Пецаков, за Бутел, Дарко Костовски, за Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, за Аеродром, Дејан Митески, за Велес, Марко Колев, за Штип, Иван Јорданов, и за Гевгелија, Андон Сарамандов. Во Општина Илинден ВМРО-ДПМНЕ, исто така го предлага актуелниот градоначалник Александар Ѓоргиевски. Во Ново Село кандидат ќе биде Ѓорге Божинов, во Василево, Славе Андонов, во Босилово, Ристо Манчев, во Петровец, Борче Митевски, во Вевчани, Спасе Кочовски, во Брвеница, Јовица Илиевски и во Јегуновце, Димитар Костадиновски. Кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за општина Конче е Златко Ристов, Следуваат другите општини: за Свети Николе предложен е Дејан Владев, за Карбинци се предлага Виктор Паунов, за Градско Киро Нацков, а за Зелениково Коста Маневски. Нови кандидати, кои за прв пат се кандидираат се: за Берово, Петар Ружински, за Чучер-Сандево кандидат е Зоран Бајовски, додека пак за Делчево тоа е Иван Гоцевски, додава Костов и продолжува:
ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори ќе настапи со проверени, докажани и потврдени кадри, најголем број од нив во изминатиот период покажаа завидни менаџерски способности во управувањето со општините, вели Костов.
-Значи, владеачката ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори ќе настапи со проверени, докажани и потврдени кадри. Најголем број од нив во изминатиот период покажаа завидни менаџерски способности во управувањето со општините, кои кога ги презедоа градоначалничките функции, се соочија со празни општински каси, не развојни општински буџети и презадолжени општини.
Сите до еден беа фокусирани на успешно разрешување на општинските проблеми, во најголема мерка ги вратија долговите и спроведуваа развојни проекти, со што остварија успешен локален економски развој, што е основната цел за секоја локална единица која сака да биде развојна, а со самото тоа и успешна. Со тоа покажаа дека се поразлични, т.е. поинакви, а со самото тоа и поспособни и поуспешни од нивните претходници од СДСМ и коалицијата.
Овие факти, и даваат за право на раководството на ВМРО-ДПМНЕ да верува дека предложените кандидати ќе победат и во периодот од четири години, со тимска и посветена работа во општините ќе остварат, раст, развој и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во општините, смета Костов.