Оваа прес конференција ја свикавме, би рекол за еден историски договор кој влегува во собраниска процедура, од повеќекратно значење за Македонија, за нејзиниот политички и економски развој, а тоа е договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, изјави Никола Мицевски, пратеник и координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
Тој додаде, имам особена чест и задоволство да ве информирам дека пред точно еден час, започна Комисијата за надворешни работи на Собранието каде точка на дневен ред е токму Предлог законот за ратификација на договорот меѓу владата на Обединетото Кралство и Македонија.
Во продолжение интегралниот говор на пратеникот и координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Никола Мицевски:
„Овој договор е историски чин за Македонија, затоа што претставува цврст темел за односите со една од најголемите светски сили и мотор на финансиите, науката и иновациите.
Овој договор е основа на едно стратешко поврзување со една од најмоќните политички и економски сили во светот. Овој договор, на Македонија ќе и овозможи стратешка позиционираност во регионот, развој на инфраструктурата, здравството, енергетиката, науката, зацврстување на институциите.
Македонија ќе може да ја направи железницата долж Коридорот 10, во две железнички линии, од кои едната ќе биде брза железница за возови над 160км на час, а другата линија за товарен транспорт. Линијата за товарен транспорт ќе ја подигне стратешката важност на Македонија и ќе го зголеми протокот на стоки низ државата од пристаништата во Грција кон Средна Европа. Само по основ на транзит, очекувано е државата секоја година да инкасира од 100 до 120 милиони евра.
Ќе ја трансформираме државата на здравствен план. Овој договор ќе овозможи доизградба на Клиничкиот центар во Штип, медицински факултет и нов студентски дом, изградба на болница во Кичево и Тетово.
Овој договор ќе овозможи пристап до знаење, искуство и експертиза од светско ниво. Македонија ќе има Британско искуство и помош, од кои ќе може да учи и по чии стандарди ќе се работи.
Овој договор е темелот за идниот развој и ние како Пратеничка група сме особено горди што ќе можеме да бидеме дел од овој историски момент за Македонија.
Воедно, сакаме да подадеме рака и до опозицијата. Овој договор не е класифициран, не се чува во 4 ѕида како претходните на владата на СДС и ДУИ. Се’ е транспарентно, затоа што и придобивките се јавни и достапни за граѓаните.
Повикувам на зрелост и конструктивност од опозицијата предводена од СДС и ДУИ. Ова не е договор на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Македонија, за сите граѓани. Неговото отфрлање е одење против народот и интересите на Македонија.
Затоа очекувам прифаќање на подадената рака за заедништво и поврзување на Македонија. Ова не е време на поделби, на криминал и рушење на позиции. Сега е време на градење, придонесување за иднината на сите. Сега е време за Македонија.
Дополнително, на крајот од оваа прес конференција, како координатор на ПГ на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, би сакал да ја известам македонската јавност дека денес се навршува една година од функционирањето на овој собраниски состав на собранието на државата.
Морам да посочам дека овој собраниски состав, особено колегите од парламентарното мнозинство имавме одговорна задача да се направи ред и почитување на процедурите по едно континуирано повеќегодишно нивно прекршување, газење и урнисување. Таквиот пристап и таквите методи на поранешната оска на власт, СДС-ДУИ со поддршка на секогаш дезинтегрирачките и безидејни Левица придонесе за повеќекратно рушење на угледот на оваа институција.
Во оваа една година се донесоа решенија и закони за повисоки плати, имаше суштинска расправа за најзначајните прашања за граѓаните и се донесоа закони како тој за зголемување на пензиите и минималната плата, како тој за привремено и сезонско ангажирање на лица, законот за енергетика која е реформски закон кој поставува цврсти темели на нова енергетска политика на земјата и уште многу позитивни законски решенија во интерес на државата и граѓаните. Ќе продолжиме да работиме одговорно и транспарентно со засилено темпо, во интерес на исполнување на ветувањата кон оние кои ни ја дадоа довербата, а тоа се граѓаните на Република Македонија“, изјави Мицевски.