Одбранбениот фудбалер на Манчестер јунајтед, Рафаел Варан би можел да се пресели во Реал Мадрид, објави Кристијан Фалк.
Според новинарот на „Билд“, мадридскиот клуб е заинтересиран за услугите на својот поранешен дефанзивец поради повредата на Давид Алаба.
Австрискиот репрезентативец се здоби со скинати предни вкрстени лигаменти на левото колено и ќе биде надвор од терените во остатокот од сезоната.
Варан играше за Реал Мадрид од 2011 до 2021 година. Како дел од кралскиот клуб, дефанзивецот на француската репрезентација стана трикратен шампион на Шпанија и четири пати ја освои Лигата на шампионите.
Францускиот фудбалер од летото 2021 година настапува за Манчестер јунајтед. Неговиот договор со клубот е до 30 јуни 2025 година. Порталот Трансфермаркт го проценува фудбалерот на 25 милиони евра.
Сезонава 30-годишниот Варан одигра 14 натпревари за Јунајтед во сите натпреварувања и постигна еден гол.