Живот и Стил МПЦ

Утре се празнуваат овие светители

Преподобен Патапиј

Утре се празнуваат овие светители

Преподобен Патапиј

Роден е е и воспитан во верата и во страв Божји во Тива Мисирска од благоверни родители. Рано ја увиде и ја презре суетата на овој свет и се оддалечи во Мисирската пустина, каде што се предаде на подвиг на очистување на своето срце од сите светски помисли и желби заради љубовта Божја. Но кога неговите добродетели станаа познати меѓу луѓето, почнаа да му доаѓаат и од него да бараат ослободување од маките. Плашејќи се од човечката слава којашто го помрачува човечкот ум и одвојува од Бога, Патапиј побегна од таа пустина во Цариград. Зашто овој чуден светител мислеше дека можеби полесно ќе се скрие од луѓето во градот одошто во пустината. Си направи колиба во близина на црквата Влахерна во Цариград и таму, затворен и непознат, го продолжи својот испоснички подвиг. Но таа светлина не може да се скрие. Едно момче, слепо од раѓање, водено од Промислата Божја, дојде кај Св. Патапиј и го замоли за молитва кон Бога за да прогледа и да го види созданието Божјо, та уште повеќе да Го прослави Создателот. Патапиј се смилува на страдалникот, Му се помоли на Бога и момчето прогледа. Ова чудо го откри богоугодникот во целата престолнина и луѓето тргнаа кај него по лек, утеха и поука. Еден прочуен човек Патапиј го исцели од водена болест само што го прекрсти и го помаза со елеј. Едно момче го ослободи од нечистиот дух што го мачеше луто, творејќи крст во воздухот. Демонот излезе од човекот како дим, испуштајќи голем крик. Една жена што имаше рана на градите, исполнета со црви, ја прекрсти и ја исцели. Многу други чуда пројави Св. Патапиј со молитва, со името Христово и со знакот на Крстот. Се упокои во длабока старост и замина во Небесното Царство во 7 век.

Тропар
Зачекорувајќи кон Божјиот повик, младоста со безметежност ја украси, подвигот твој засветли во светот и благодатта се прослави. Затоа, оче преподобен Патапие, кој страстите ги преобрази, Христа Бога моли Го да ни дарува голема милост.

Светите апостоли Состен, Аполос, Тихик, Епафродит, Онисифор, Кифа и Кесар

Сите тие се празнуваат на 4 јануари со останатите помали апостоли. Св. Аполос се празнува посебно на 10 септември, Кифа и Кесар на 30 март. Св. Состен беше епископ во Кесарија. Тихик му беше наследник на истото место, Епафродит во Адријанија Памфилиска, Кифа во Иконија, а Кесар во Корона Пелопонеска. Сите го проповедаа Евангелието со пламена љубов и претрпеа маки за Христовото име, па преминаа во царството на вечната радост.

Тропар
Пламени факели кои го осветлувате учењето Христово, бодри мажи кои за спасение на стадото ревнувавте, апостоли Состене и Аполосе, Тихике, Епафродите, Онисифоре, Кифе и Кесаре, молете Го Господа да ги спаси нашите души.

Светите маченици во Африка

Пострадаа од еретиците аријанци во времето на владеењето на вандалскиот крал Гунерик или Гензерик (477 г. – 484 г.) за вистината на православната вера. Двајца свешетници беа изгорени, шеесет јазици пресечени и беа заклани триста мирјани. Сите пострадаа, но со нивната смрт ја победија лагата. Го утврдија Православието и нам ни го предадоа чисто и светло. Господ ги овенча со славата на Своето бесмртно царство. Амин.

Тропар
Нека молитвите свети ваши секогаш ги закрилуваат оние кои за верата вистинска ревнуваат и чистотата на Православието ја чуваат, о свети маченици Христови, кои со крвта ваша слобода купивте и Царство Небесно зaдобивте.

Поврзани теми

To top