Светскиот младински уметнички институт – Центар за УНЕСКО со седиште во Троа, Франција награди 26 ученици од Детско ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ кои со свои ликовни творби учествуваа на светскиот детски ликовен конкурс „Уметноста – порака за мир”.
Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј”-Битола, како единствен претставник од Македонија на овој значаен настан на УНЕСКО настапи во конкуренција со ученици од 83 држави во светот кои до организаторот во Троа испратиле околу 5.000 ликовни дела.
-За постигнатиот успех организторот упати посебна покана за Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” но заради немање на финансиски средства нема да учествуваме на специјалната церемонија за доделување на наградите, ниту во работниот дел на изложбата низ работилници и семинари, како и состаноци на УНЕСКО кои ќе се одржуваат во периодот од 31 мај до 4 јуни во Троа, изјави за МИА, Славчо Неделковски, претседател на управниот одбор на ДЛС „Свети Кирил и Методиј“-Битола кои интензивно се подготвуваат на 43 издание на светската детска изложба „Битола 2025” и 44 издание на меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр” која почнува на 23 мај во Битола.