Свет Потребна е помош

Херцог: Израел е подготвен за уште едно примирје во замена за заложници

Обединетите нации одговорија на тврдењето на Херцог дека израелското бомбардирање го отежнува безбедното доставување на помошта.

Херцог: Израел е подготвен за уште едно примирје во замена за заложници

Израелскиот претседател Исак Херцог денеска пред група амбасадори од 80 земји изјави дека неговата земја е подготвена за втора пауза во конфликтот со Хамас во замена за ослободување на уште заложници од Појасот Газа.

За време на еднонеделното примирје на крајот на ноември беа ослободени 105 заложници, во замена за ослободување на 240 палестински жени и деца од израелските затвори, потсетуваат локалните медиуми.

Зборувајќи пред амбасадорите за војната во Газа, Херцог ги истакна хуманитарните напори на Израел, апелирајќи до меѓународните организации да направат повеќе за да придонесат за испорака на помош за палестинското население, соопшти кабинетот на претседателот.

„Количината на хуманитарна помош би можела веднаш да се зголеми тројно“, рече израелскиот претседател, тврдејќи дека Израел проверува стотици камиони дневно на својот премин во Ницана, но дека агенциите на ОН и другите партнери не успеале да го задржат тоа темпо и дека во Газа влегуваат само 100-150 камиони дневно.

Обединетите нации одговорија на тврдењето на Херцог дека израелското бомбардирање го отежнува безбедното доставување на помошта.

САД побараа од Израел да го отвори својот премин Керем Шалом бидејќи помошта доаѓаше само преку преминот Рафа од Египет. Во неделата беше отворен Керем Шалом и околу 200 камиони влегоа во Газа по првпат од почетокот на војната.

Херцог, чија улога во политичкиот живот на Израел е главно церемонијална, истакна дека Израел не е во војна со палестинскиот народ, туку со неговиот непријател, „терористичката организација Хамас“.

– Можам да го повторам фактот дека Израел е подготвен за уште една хуманитарна пауза и дополнителна хуманитарна помош за да дозволи ослободување на заложниците. А одговорноста е целосно на Сивар (Јахја, лидерот на Хамас во Газа) и раководството на Хамас, изјави Херцог пред амбасадорите.

Високиот функционер на Хамас, Басем Наим, во меѓувреме соопшти дека движењето е против преговори за заложници, но е отворено за ставање крај на конфликтот.

– Го потврдуваме нашиот став за категорично отфрлање на каква било форма на преговори за размена на затвореници додека трае израелската геноцидна војна, изјави Наим, пренесе Ал Џезира.

Сепак, тој додаде дека Хамас е отворен за секоја иницијатива што придонесува за ставање крај на агресијата врз палестинскиот народ и отворање на преминот за да се донесе помош.

На првиот ден од војната, на 7 октомври, на југот на Израел беа киднапирани околу 240 заложници и однесени во Газа. Се верува дека уште 129 заробеници се уште се во Газа. (МИА)

Најнови вести од Свет

To top