Милиони луѓе се борат со недостаток на сон секој ден, а експертите предупредуваат дека зад тоа често стои посериозен здравствен проблем.
Според д-р Дебора Ли, лекар и експерт за спиење од онлајн аптеката „Д-р Фокс“, лошиот сон не е само секојдневна непријатност – може да има сериозни долгорочни ефекти врз менталното и физичкото здравје.
„Многумина веруваат дека можат да го надоместат сонот за време на викендот, но хроничниот недостаток на сон му штети на телото на долг рок, предупредува д-р Ли.
Истакнува дека постојат голем број знаци кои можат да укажуваат дека телото страда поради недостаток на сон – и тоа до степен што бара медицинска помош.
1. Постојан замор
Хроничното чувство на исцрпеност, иако наводно сте „спиеле цела ноќ“, може да биде јасен показател дека спиењето не било со добар квалитет. Заморот што трае со денови и не исчезнува дури ни со одмор, често се поврзува со нарушувања како што се апнеја при спиење или нарколепсија.
2. Проблеми со концентрацијата и меморијата
-Ако чувствувате таканаречена мозочна магла во текот на денот, имате проблеми со меморијата или имате тешкотии со донесувањето одлуки, можно е вашиот мозок да не добива доволно длабок сон, објаснува д-р Ли. Недостатокот на сон ги забавува менталните процеси и го отежнува секојдневното функционирање.
3. Несреќи и микроспиење
Еден од најопасните симптоми на хроничен замор се ситуации како микроспиење – неочекувано дремење, месечарење или дури и заспивање зад воланот. Ваквите инциденти бараат итен одговор бидејќи тие го загрозуваат здравјето и безбедноста и на поединецот и на луѓето околу него.
4. Промени во расположението
Зголемената раздразливост, анксиозност или чувство на депресија може да бидат поврзани и со лош сон. Мозокот кој не се одмара правилно е помалку способен да ги регулира емоциите, што често води до ненадејни промени во расположението и хроничен стрес.
5. Ноќни будења и тешкотии при заспивање
Честите будења во текот на ноќта или несоницата што трае со денови се знак за тревога. Според д-р Ли, ваквите симптоми може да бидат поврзани со анксиозност, депресија или нарушувања како што е несоницата, за кои е потребна стручна помош.
6. Влошување на постоечките здравствени состојби
Продолжениот недостаток на сон може да ги влоши постојните здравствени проблеми.
-Лошиот сон го зголемува ризикот од развој на хронични болести како што се висок крвен притисок, дијабетес, срцеви заболувања и дебелина, наведува д-р Ли. За луѓето кои веќе страдаат од овие состојби, подобрувањето на квалитетот на спиењето може значително да ја олесни контролата на симптомите.
Доколку препознаете некои од горенаведените симптоми, не ги игнорирајте. Квалитетниот сон не е луксуз, туку неопходност за физичко здравје, ментална стабилност и секојдневно функционирање. Во случај на долгорочни тешкотии, експертите советуваат да се консултирате со вашиот лекар за да ја утврдите причината и да започнете со соодветен третман.