Хрватска бележи најголем број заболени од голема кашлица во последните 40 години, во Романија прогласена е епидемија на сипаници, а во Србија се зголемува бројот на заболени од респираторни инфекции и состојби слични на грип. Речиси и да нема семејство каде некој не е болен, јави дописникот на МИА од Белград.
Лекарите велат дека во Србија во оптек има неколку вируси – грип, корона, респираторен синцицијален вирус (РСВ), кој е најопасен за предвремено родените деца. Многумина се жалат на болки во грлото, кивање, кашлање, течна столица и треска.
Се зголемува големата кашлица, предизвикана од бактеријата Bordatella pertussis. Досега во Србија се потврдени два подтипа на вирус на грип – А (Х3) и А (Х1).
Според податоците на Институтот „Батут“, минатата недела симптоми слични на грип биле регистрирани кај околу 9.000 граѓани, од кои повеќето биле деца помлади од 14 години. Последниве денови се забележува зголемување на бројот на пациенти во амбулантите и за возрасни.
Епидемиологот д-р Драгана Димитријевиќ, национален координатор за епидемиолошки надзор на грипот од Батут, изјави дека има благ пораст на бројот на заболени од грип, но дека има значително зголемување на бројот на заболени од акутни респираторни инфекции.
Таа објаснува дека само со лабораториска потврда може да се утврди кој респираторен патоген е во оптек, дали се работи за вирус на грип, корона или РСВ. Симптомите предизвикани од овие вируси се многу слични.
-Има зголемена телесна температура, која не мора да биде висока за сите овие патогени. Кај акутни респираторни инфекции може да има симптоми и без температура. Потоа доаѓа слабост, малаксаност, болки во мускулите, зглобовите, кашлица, кивање, кажа д-р Димитријевиќ.
Досега немаше вакцина против респираторниот синцицијален вирус, но според детскиот пулмолог проф. Предраг Миниќ годинава во САД се регистрирани две вакцини кои штитат од респираторен синцицијален вирус, од кои едната се дава на лица над 65 години, а другата на трудници.
Од вирусите најранливи се најмладите, постарите и хроничните пациенти. Затоа, во случај на какви било симптоми, лекарите во Србија препорачуваат дека треба да останете дома, да избегнувате големи гужви, во групи, да ги проветрувате просториите, да применувате редовна дезинфекција и хигиена.