Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски не ги оправда очекувањата на јавноста и не си поднесува оставка на позицијата. Напротив, во самоодбрана тврди сам за себе дека немало основ за негово разрешување. Изјави дека го добил предлогот за негово разрешување и оти во разумен рок ќе се произнесле по сите точки. Според него, немало ама ниту еден основ за утврдување на тешка дисциплинска повреда.
Во изјава за медиуми пред денешната седница на Советот на јавни обвинители, на прашање на што се повикува предлогот, Коцевски одговори дека отприлика се повикува на она истото што беше во медиумите истакнато во последниот период.
– Во текот на вчерашниот ден доставен ми беше предлогот од страна на Советот на ЈО, и во еден разумен рок ќе се произнесам по сите точки. Останувам на тоа дека од она што имав можност да го разгледам, дека во предлогот нема ниеден основ за утврдување на тешка дисциплинска повреда, рече Коцевски.
Државниот јавен обвинител, како што посочија од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
На денешната седница е предвидено да се изберат 47 обвинители во осумнаесет јавни обвинителства.Најмногу, односно 14 јавни обвинители, треба да се изберат во Основното јавно обвинителство Скопје.