Вчеравечер и ноќеска од 23 до 5 часот на подрачјето на СВР Тетово спроведена е акциска контрола на возачите кои ги управуваат возилата под дејство на алкохол, а во која вкупно биле откриени и санкционирани 27 прекршоци. Од нив 24 на тетовско и 3 на гостиварско подрачје.
-Кај двајца возачи (ТЕ-1 и ГВ-1) биле измерени до два промили алкохол во организмот, односно крвта, кај тројца(ТЕ) до еден и пол промили и така натаму. Сите прекршители веднаш се исклучени од сообраќај и изготвени им се предвидените поднесоци по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со парични глоби од 225 до 370 евра во денарска противвредност, а ќе се соочат и со времено одземање на нивните возачки дозволи од три месеци до една година, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Секторот за внатрешни работи Тетово повторно со апел и совет до возачите да избегнуваат консумирање алкохол доколку возат дотолку повеќе што претстојат серија празници, но и зголемена сообраќајна фреквенција на подрачјето.
-Консумирањето на алкохол негативно влијае на нивната способност сконцентрирано и безбедно да ги управуваат возилата и на тој начин се изложуваат на опасност да ја доведат во прашање сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, порача Јосифоски.
Во акциската контрола биле санкционирани и 16 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-8 и ГВ-8).