Трендот африкански ракометарки да исчезнуваат за време на големите ракометни натпреварувања продолжи и на овој ракометен мундијал, откако беше обелоденето дека Камерун останал без две репрезентативки за дуелот со Хрватска.
Станува збор за Бенедикт Манга Амбаса и за Маријан Батамаг, кои не се појавиле на појадок утрово, а подоцна е утврдено дека во текот на ноќта ја напуштиле репрезентативната база.
Камерунците поради трендот на бегање од државата и барање азил во европски земји организирале и специјална служба за следење на секој чекор на ракометарките, но Амбаса и Батамаг сепак успеале да побегнат.
„Го видов извештајот дека две ракометарки се исчезнати. Информацијата ми е потврдена и од федерацијата, од каде тврдат дека добро внимавале и не се виновни за она што се случило“, изјави камерунската новинарка Леокадија Бонгбен, која од лице место го следи овој ракометен мундијал.