Да се прошири истрагата за групата на Љупчо Палевски, зашто нивните дејства се еднакви на тероризам и истите имаат криминално минато за кое требало многу порано да се реагира, вели универзитетската професорка од Факултетот за безбедност, Фросина Ташевска Ременски во разговор за „Гласот на Америка“.
-Таа група, според моите неофицијални информации, имала многу поголеми планови. Постоеле списоци за ликвидации. Постоеле списоци за изнуди. Постоеле списоци за заплашување, списоци за киднапирања, што значи дека ова е предизвик за истражните органи. Предизвик за полицијата, за безбедносните служби. Да ги осуетат плановите и да ги претстават во јавноста и тоа да им биде дополнителна одговорност во целиот овој случај, вели Ременски.
Според поранешната министерка, можно е дека Палевски и неговата група имале и помонструзони планови.
-Тие имаат позната криминалистичко-безбедносна и полициска историја, и не биле лица, коишто не биле претходно безбедносно третирани. Кога велам „безбедносно третирани“, мислам дека тие лица, во минатото во многу случаи биле предмет на еден постојан, континуиран оперативен надзор заради превенирање на вакви, слични планови коишто можеби биле и многу помонструозни, вели Ременски.