Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, е „голем напредок“, но предупреди дека претстојат нови предизвици, јави ДПА.
„Ништо не е сигурно, како што често покажува глобалната ситуација, но сега ова е голем напредок“, изјави Бербок за телевизискиот канал АРД.
Таа рече дека договорот меѓу Израел и Хамас, кој доцна синоќа го објави посредникот Катар, е резултат на 15 месеци напорна работа од избувнувањето на конфликтот во нападите на 7 октомври 2023 година.
Останатите израелски заложници кои ги држеше Хамас мора да бидат ослободени, нагласи Бербок, и мора да се дозволи повеќе хуманитарна помош да стигне до Газа.
„Сега е важно да се спроведе она што го подготвивме. И Германија е подготвена за ова“, рече Бербок.
Европските земји можат да помогнат во поправка на граничниот премин Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет. „Граничниот премин е оштетен. Европската унија би можела да даде поддршка за тоа“, додаде Бербок. (МИА)