Кина го поздрави договорот објавен вчера меѓу Израел и радикалната палестинска група Хамас за прекин на огнот во Појасот Газа.
-Пекинг се надева дека релевантните страни во договорот ќе го гледаат како можност за промовирање на деескалација на тензиите на Блискиот Исток, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун.
Покрај тоа, Кина очекува договорот да се спроведе ефективно за да се постигне целосен и траен мир во Појасот Газа, истакна портпаролот.
Договорот треба да стапи на сила в недела, а во тек се преговори со Израел и Хамас за чекорите за негово спроведување.
Гуо Џиакун рече дека Кина ќе продолжи да прави напори за обезбедување хуманитарна помош за населението во Газа и да помогне во повоената реконструкција на крајбрежната енклава.
Војната во Газа избувна на 7 октомври 2023 година со ненадејниот прекуграничен напад на Хамас на израелска територија. Според израелските податоци, во тоа време биле убиени речиси 1.200 луѓе, а во појасот биле одведени околу 250 заложници.
Според информациите од Министерството за здравство на Хамас, бројот на Палестинци убиени во Газа како резултат на последователната израелска офанзива на крајбрежната територија е над 46.000. (МИА)