Израел и Хамас синоќа се договорија за прекин на огнот за ставање крај на 15-месечната војна, а првите заложници се очекува да бидат ослободени в недела. Западните изданија денеска ја коментираат оваа тема.
Условите на договорот меѓу Израел и Хамас по една година неплодни преговори не се разликуваат значително од условите што ги имаа двете страни пред осум месеци – она што се смени е сè друго, пишува американскиот Вол Стрит Журнал.
-Притисокот од САД, кој доаѓа од претседателот Трамп, мислам дека беше огромен мотиватор, особено за израелскиот премиер Нетанјаху, рече Санам Вакил, директор на програмата за Блискиот Исток и Северна Африка во „Чатам хаус“, тинк-тенк во Лондон.
Според Волстрит журнал, вистинскиот тест ќе дојде по првите 16 дена, кога страните ќе почнат да разговараат дали да ја продолжат паузата во трајниот прекин на непријателствата според втората и третата фаза од договорот.
„Њујорк тајмс“ наведува дека радоста и олеснувањето што го изразија семејствата на заложниците при објавувањето на договорот се комбинирани со чувството на вознемиреност дека многу од нив може да останат во Газа. Според изданието, постои загриженост дека договорот може да пропадне во секое време и дека Хамас и Израел можеби нема да можат успешно да преговараат за преостанатите фази, што би оставило некои групи заложници во Газа, особено помлади мажи.
Има уште многу работи кои би можеле да тргнат наопаку при спроведувањето на договорот, а израелските власти нагласуваат дека засега ова е привремена пауза, пренесува друг американски весник – „Вашингтон пост“.
Најтешките прашања, вклучително и кој ќе управува и ќе го обезбедува појасот Газа, остануваат нерешени, пишува изданието, привлекувајќи внимание на заедничката работа на Џо Бајден и Доналд Трамп.
Според весникот, нивната соработка претставува крајно необичен момент во поларизираниот свет на американската политика. Сепак, тоа не ги спречи ниту Трамп ниту Бајден да ги истакнат своите заслуги, нагласува публикацијата. „Вашингтон пост“ забележува дека е интересен и тајмингот на договорот – помалку од една недела пред трансферот на претседателската моќ во САД.
Весникот прави историски осврт на ослободувањето на американските заложници во Иран во 1981 година, кои беа држени во Техеран 444 дена и чија судбина ја придружуваше неуспешната изборна кампања на демократскиот претседател Џими Картер. Заложниците беа ослободени на 20 јануари 1981 година, токму кога републиканецот Роналд Реган ја презеде функцијата.
И британскиот весник Телеграф привлекува внимание на соработката меѓу Бајден и Трамп, но смета дека нивниот спортски дух траел кратко, бидејќи Трамп изјавил дека мирот е постигнат како резултат на неговата „историска“ изборна победа.
Примирјето во Газа и размената на заложници објавени во Доха треба да се слават, но не очекувајте тоа да донесе итно олеснување, пишува изданието. Според него, договорот е сложен и кревок, полн со замки и мински полиња кои допрва треба да се надминат.
Дури и да помине без проблеми, што е тешко да се поверува, ќе поминат најмалку четири и пол месеци пред да се заврши договорот и да започнат вистинските процеси на закрепнување и помирување, смета Телеграф. Додека за некои семејства договорот ќе донесе радост, за други процесот ќе им ги изгори последните надежи, бидејќи нивните најблиски ќе бидат вратени во тешки здравствени состојби.
Жртвите во војната се толку високи, страдањата толку тешки, а иднината на Газа е толку неизвесна, што малкумина можат со сигурност да кажат дека сето тоа вредеше или дека тоа беше корисно за безбедноста на Израел на долг рок, објаснува британскиот весник Гардијан“, според кој проблемите со репутацијата на Израел би можеле да траат со децении.
Изданието верува дека враќањето на Трамп во Белата куќа можеби помогнало да се постигне прекин на огнот, но не и да се постигне траен мир.