Во првото полугодие на учебната 2024-2025 година од петте основни училишта се имаат испишано 30 ученици, покажуваат анализите на Секторот за образование во Општина Штип.
Раководителката на Секторот за Локален економски развој (ЛЕР) и образование во Општина Штип, Снежана Санева денеска изјави дека мора да се потенцира дека има и 21 ученик, кои се новозапишани во основните училишта.
-Тоа значи дека немаме големо намалување на ученици во основните училишта, а што се однесува до тоа каде заминуваат учениците, за 12 имаме податок дека се заминати надвор од државата, со своите семејства, вели Санева.
Анализите на Секторот за ЛЕР и образование во Општина Штип покажуваат дека во три средни училишта има испишување, но и запишување на нови ученици.
-Во Гимназијата „Славчо Стојменски“ немаме испишување на ученици, во Средното општинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“ 20 ученици се испишани, меѓутоа се запишани пак девет нови ученици, во СОУ „Димитар Мирасчиев“ тројца се испишани, од кои двајца се заминати во странство, еден е во друго училиште и во СОУ „Јане Сандански“ се испишани тројца ученици, а се запишани десет нови ученици, изјави Санева.
Прашана дали годинава имаме поголем број на заминати ученици со нивните семејства во странство во споредба со претходните години, Санева одговори дека во првото полугодие на учебната 2024-2025 година се забележува намалување на бројот на ученици кои заминуваат во странство.
-Минатата година имаше повеќе деца кои заминаа во странство, а пак пред неколку години имавме поголем број. Но, мислам дека бројот на деца коишто заминуваат во странство се намалува, вели Санева.