Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во интервјуто за Алсат ТВ ги презентираше клучните реформи во јавната администрација, нагласувајќи ја потребата од повисоки стандарди и ефикасност.
-Кампањата под мотото “Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација” е почеток на значајни реформи, пакет закони кои ќе ни овозможат дополни критериуми за нововработените во јавниот сектор и ќе обезбедат постојано следење на работните задачи на секој вработен, изјави Минчев.
Тој ја нагласи важноста на новите законски решенија кои ќе овозможат построги критериуми за нововработените, поголема конкуренција и континуирана евалуација на вработените во јавната администрација. Како пример, тој посочи на укинувањето на Инспекцискиот совет, што ќе резултира со значителни буџетски заштеди и рационализација на јавните ресурси.
„Укинуваме органи согласно европските стандарди, со што правиме значителни заштеди во буџетот. Ова е само почеток на долгорочен процес на рационализација“, истакна министерот.
Осврнувајќи се на укинувањето на Балансерот, министерот истакна дека сегашните огласи се базираат на критериуми за знаење и квалитет, а правичната застапеност ќе се обезбеди со ново законско решение кое ќе биде изготвено од експертска група и консултирано со Венецијанската комисија.
„Огласите сега се одвиваат врз база на квалитет и знаење, а новото законско решение ќе ја гарантира уставната категорија на правична застапеност. Наша обврска е да обезбедиме ефикасни и квалитетни услуги за сите граѓани, без разлика на етничката припадност“, посочи тој.
Заложбата на министерството за јавна администрација е овие реформи да донесат позитивни промени во јавната администрација и да ги постават основите за долгорочен успех и ефикасност во работењето на институциите. (МИА)