Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека членовите на Хамас силувале жени и ги осакатувале нивните тела за време на нападот врз јужен Израел на 7 октомври, повикувајќи се на сведоштвата на преживеаните.
На вечера за собирање средства во Бостон, Бајден го фокусира вниманието на извештаите за „незамислива суровост“ што се шират во последните неколку недели.
-Извештаите за повеќекратно силување на жени, за осакатување на нивните тела додека се уште биле живи и за терористите на Хамас кои нанесуваат што е можно поголема болка на жените и девојките пред да ги убијат, се застрашувачки, рече тој и ги повика меѓународните организации и невладините организации да го осудат сексуалното насилство.
Израелската полиција истражува сексуални злосторства за кои се осомничени неколку лица, меѓу кои и неколку стотици уапсени по нападот на 7 октомври.
-Жртвите биле изложени на тортура, силување, психичко малтретирање, а потоа живи биле запалени и распарчени, изјави израелскиот министер за правда.