Иран денеска соопшти дека и по промената на власта во Сирија не се исклучуваат нови политички промени и дека тоа важи за сите страни, а „оние кои во моментов се сметаат за апсолутни победници не треба прерано да се радуваат“.
Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи рече дека „се уште е рано да се донесат заклучоци за иднината на Сирија, бидејќи многу фактори можат значително да влијаат на политичката ситуација таму“.
Арагчи не ја образложи својата проценка, пишува швајцарската агенција Кејстон-СДА, повикувајќи се на ирански медиуми.
Министерот за надворешни работи на сириската преодна влада Асад Хасан ел Шајбани претходно на социјалната мрежа Х го предупреди Иран да не „шири хаос во Сирија“. Тој нагласи дека „Техеран мора да ја почитува волјата на сирискиот народ и суверенитетот и безбедноста на земјата“.
Падот на режимот на долгогодишниот сириски владетел Башар ал Асад му нанесе тежок удар на Иран и неговата политика на Блискиот Исток. Асад беше важен сојузник за Техеран во самопрогласената оска на отпор против „главниот непријател“ – Израел.
Техеран тврди дека сè уште има контакти со новите сириски власти, но засега недостига нивната дозвола за повторно отворање на иранската амбасада во Дамаск.
Покрај тоа, сириската бунтовничка организација Хајат Тахрир ал-Шам, која е најсилниот дел од новата влада, им забрани на иранските авиокомпании да летаат за Дамаск.