Регион

Снег и силен ветер го блокираат сообраќајот во Босна и Херцеговина

Снег и силен ветер го блокираат сообраќајот во Босна и Херцеговина

Сообраќајот во БиХ сè уште е во прекин на неколку патни правци поради големото количество снег, додека дополнителен проблем претставува и силниот ветер.
На следните патни правци сообраќајот е целосно запрен за сите категории возила:

Гламоч-Млиниште, Босанско Грахово-Дрвар-Босански Петровец,Дрвар-Гламоч, Сански Мост-Клуч, Купрес-Ново Село, Котор Варош-Теслиќ (Борја), Бања Лука-Кнежево и
Бихаќ-Босански Петровец-Клуч.

За возила над 10 тони, како и за товарни возила со приколка и шлепери, сообраќајот е забранет преку преминот Караула на патот Олово-Кладањ.

БИХАМК информира дека на автопатот „9 Јануари“, како и на магистралните и регионалните патишта во Република Српска, продолжува забраната за товарни возила.

Снегот и натаму го отежнува сообраќајот во поголемиот дел од Босна, додека во Херцеговина коловозите се местимично влажни. Посебно се предупредува на делниците преку планинските премини, каде има набиен снег на коловозите, а на овие патишта за товарните возила задолжително е користење на синџири.

Дополнителни проблеми предизвикува силниот ветер, кој создава снежни наноси. Поради тежината на снегот, на многу делници често паѓаат дрвја на патиштата. Возачите се советуваат да не тргнуваат на пат без итна потреба, а доколку мораат да патуваат, задолжително да носат соодветна зимска опрема, нагласува БИХАМК.

Поради зимските услови, сообраќајот за товарни возила е запрен на граничниот премин Изачиќ. На другите гранични премини нема подолги задржувања за патнички возила.

По повод католички Божик, до полноќ е забранет превозот на експлозивни материјали на територијата на Федерацијата Босна и Херцеговина.

To top