Стабилното буџетирање, инвестирање во модернизацијата и опремување во човечкиот капацитет се трите столба кои се од приоритетно значење на Министерството за одбрана и Армијата.
Ова го истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски денеска оддржа предновогодишен брифинг и коктел со претставниците на медиумите.
-Во однос на буџетот изнесува 329 милиони евра, од кои 106 милиони евра се наменети за модернизација и опремување на Армијата, гледано во однос на 2024 година, тоа се 18 милиони евра повеќе.
Модернизацијата и опремувањето, како што истакна министерот е процес, кој се реализира согласно планирањето на Армијата и согласно сите цели на способности. Испораката на сите 96 „ЈЛТВ“ возила и возилата „страјкер“ треба да заврши до крајот на годината, а исто така до крајот на 2025 треба да пристигнат и нарачаните системи „Боран“ и „Мистрал“.
Најави дека од следната година почнува постапка за прием на нови 300 професионални војници и други дополнителни вработувања. Следната година ќе биде објавен огласот.
-Од следната година почнуваме постапка за прием на нови 300 професионални војници. Следната година ќе ги објавиме сите овие податоци, 300 нови професионални војници и секој оној што сака да биде дел од Армијата, се разбира ќе го погледне огласот и ќе се пријави. Со тој начин зголемуваме припадници во Армијата, но и ја подобруваме нашата борбена готовност. Исто така продолжуваме со прием на до 60 граѓани со цивилни факултети, ќе завршиме и со постапката за прием на питомци и она што се дополнителни вработувања за оние категории што се најпотребни во Министерството за одбрана, најави министерот.
Освен нови вработувања, министерот Мисајловски извести дека од следната година тековно ќе се исплаќаат сите обврски кон вработените. Последните 6 месеци, Министерството исплатило 99% од наталожените обврски кон вработените.