Македонија Колумна

Булингот во македонските училишта

Агресивно однесување преку кое некој намерно и континуирано предизвикува психичка, физичка или социјална штета на друго лице.

Булингот во македонските училишта

Колумна на Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес

Бројни се пријавите за булинг-насилства во училиштата. Дека се загрижувачки состојбите во училиштата во обемот на насилствата, говори податокот дека само од почетокот на оваа учебна година, односно во три месеци, имало 15 пријави за булинг. Истото го потврдуваат и бројни истражувања, меѓу кои и тоа на Народниот правобранител. Во 2023 година стигнале 17 преставки за булинг, од кои со исклучок на една, сите биле за основното образование. Најчесто испраќани биле од родители на деца – жртви. Ова покажува дека основците се најпогодени при што речиси половина од нив изјавиле дека биле жртви на некој вид насилство во училиштата. А, оние што не пријавуваат? Бројот е далеку многу поголем! Со овие чекори насилството е детектирано, независно дали станува збор за физички напад, навреди, исмевање, изолација и слично. Треба да се реагира, но тука почнуваат проблемите.

Поконкретно што е булингот?

Агресивно однесување преку кое некој намерно и континуирано предизвикува психичка, физичка или социјална штета на друго лице.

По пат на употреба на физичка сила, закани или навреди, лицето-сторител на насилство, најчесто има за цел да доминира или покаже моќ над друга личност жртва,т.е да се направи да се почувствува помалку моќна и безпомошна. Булингот т.е врсничкото насилство не е резултат само на индивидуалниот карактер. Ова однесување е под постојано влијание на околината и сите ние имаме одговорност да придонесеме за негово спречување.

Со игнорирање влијаеме-НЕГАТИВНО, со зборување и кревање свесност на проблемот, влијаеме-ПОЗИТИВНО.

Колку кампањите и институциите се ефикасни?

За поздравување е кампањата на МАКПЕРОЛ- КРЕНИ ГЛАС ПРИЈАВИ НАСИЛСТВО, одржување на трибини со ученици, родители, разни активисти. И со право кампањата е наречена ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ или Педагошката служба која е во рамките при Министерството за образование и наука (МОН) на својата веб страна повикуваат пријави насилство. Теоретско добро срочено, но што покажува практиката има ситуации, како пример изјава (на родител): „ако се спротивставиш на навредите од професор/ка (како што тоа го направил) за неговото дете се’ тргнало на полошо. По тој настан неговото дете е изолирано од речиси целиот клас, вклучително и од професорите, и залудни биле нивните обиди да најдат решение со разговори во училиштето“. Или по доставено барање бр.09/2-616 од 07.05.2024 година од страна на родител до Државниот просветен инспекторат, за вршење булинг во едно скопско основно училиште. Државниот просветен инспектор (Перо Арсеновски) од извршениот вонреден инспекциски надзор, доставува известување до родителот по барањето кој следи: „Во врска по вашето барање бр.09/2-616 од 07.05.2024 година Ви го доставувам следното – Наводите во вашето барање не се во доменот на работата на Државниот просветен инспекторат, за истото можете (треба) да се обратите до основачот на училиштето-Општината, на која гравитира истото, општина Аеродром и Министерството за труд и социјална политика-меѓуопштинскиот центар за социјална работа“.

Ваквата постапка на инспекторот е спротивна на Законот за инспекциски надзор и Законот за просветна инспекција, како и Законот за основно образование! Должност е на Државниот просветен инспекторат, во конкретниот случај на инспекторот да постапи согласно надлежноста по Законот за основно образование (ЗВО), и тоа: Заштита на интегритетот на учениците по член 65 став 1 каде што „секој вработен во училиштето е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинство, како и Конвенцијата за правата на детето и став 2 од истиот член (65) Забрането е телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него“. И во член 66 од ЗВО Спречување на насилство врз учениците, во ставот 1 од член (66) стои дека: „Директорот на училиштето е должен да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице кое е вработено во училиштето, до надлежните институции утврдени со закон, во став 2 од истиот член (66) „Постапката за пријавување и заштита на на ученик-жртва на било која од формите на насилство, злоупотреба и занемарување се утврдуваат со подзаконски акт…“. А, ако има дел од надлежност на друга институција инспекторот е должен да ја испрати преставката до конкретната институција, а не да ја игнорира преставката и да го тера поднесувачот на преставката да ја бара правдата низ институциите. Па така, родителите се принудени да ангажираат адвокат, и адвокатот со писмен допис го запознава ова скопско основно училиште кое се оградило од преземање на било какви дејствија и постапки и пасивниот однос на надлежните во училиштето, ескалира до настан при кој учениците од IX-3 одделение во училиштето во која учи малолетната А.К, во континуитет од десетина дена наназад ја наведуваат и провоцираат на самоубиство на следниот начин:

„На ден 08.02.2024 година, во околу 15:30, дел од учениците и претседателот на одделението малолетната М.Џ заедно со малолетните Ф.Н и А.Ф. ги повикуваат другите одделенија на бојкот со влегување во училницата на IX-1, каде учи малолетната А.К влегуваат во нејзината училница, најпрво М.Џ ја удира со шише, потоа ја турка кон отворениот прозорец со зборовите (АЈДЕ МА СКОКАЈ КАКО ДЕЧКОТО ОД КОРЧАГИН, ОН ИМАШЕ ПРОБЛЕМ СО ЕДЕН НАСТАВНИК, А ТИ СО СИТЕ)“. Предметот е во ОЈО-Скопје. Скопското основно училиште што превзело? Ништо!!!

„Булинг во основното училиште“ книга од Александра Кочовска, средношколка во средното медицинско училиште- фармацевтска насока во Скопје

На 16.12.2024 година, од страна на родителите на Александра Кочовска имав чест да ја добијам книгата „Булинг во основното училиште“ со запознавање на Булингот од призмата на 14-годишна тинејџерка. Со благослов на родителите и Александра ми беше дозволено да биде поместена во мојата колумна на порталот НетПрес.

Романот „Булинг во основното училиште“ е прв подолг прозен текст на авторот Александра Кочовска, која може потполно да се претстави и со своите поетски остварувања збирките поезија „Мојот свет“ и „Неспокој“ истакнува Орце Икономов кој дава приод кон делото, па понатака продолжува: „Дејството на романот„Булинг во основното училиште“ се случува во едно скопско основно училиште. Низ содржината на детскиот роман авторот Александра Кочовска не’ запознава со повеќе настани во кои доаѓа до ескалирање во сензитивните односи меѓу врсниците, наставниците и пошироко, меѓу родителите на учениците од скопското основно училиште.

Посебно место во романот завземаат ликовите на педагогот Фана и класната Салтирова, кои во присуство на соучениците на Лина го виктимизираат ова 14-годишно девојче. Иако изгледа како да е се’ измислено, сепак во сказната на Александра Кочовска сите основни нишки се врзани за реалниот свет и секојдневниот живот на Лина. И покрај несакани случувања Лина успева да ги прекине барикадите на насилството, таа води дневник каде хронолошки го опишува секој училиштен ден во текот на двете учебни години.

Со искри на краткотрајна радост сликовито е опишана и детската тага која го тишти главниот јунак. Преку романот „Булинг во основното училиште“, авторот Александра Кочовска ја буди свеста кај читателот на проблемот во училиштата кој долго се игнорира. Крајот на романот е отворен, како приказната да не е завршена, затоа што булингот е сеуште тука.

Секое дете има потреба да сака и да биде сакано, да се формира како здрава личност со основни човекови особености: љубов, почит, пријателство“, го завршува приодот кон делото Орце Икономов.

Изјава на авторот Александра Кочовска

Булингот е тука…

„Поради мојата вистинска приказна, доживеав низа неправди, искрено се гордеам, говорам во името на илјадници жртви на булинг, деца отфрлени во општеството, скршени како безвредно парче стакло, деца без право на детство.

Врсничкото насилство зема сè поголем замав во нашето општество. Трите месеци на летниот распуст летнаа… Булингот е сеуште тука. Воопшто не е важно колку години имаш, кое одделение си кога ќе се потсетиш на училишните искуства, на многубројните стресни ситуации во училишниот простор. Тука се училишните служби, пријавуваш насилство, никој мува не го лази… А, ти стравуваш која глупост и опасност те очекува утре. Веќе ти е доста од озборување, ширење лаги, исмевање, уништување твои лични предмети. Секако, не ти се оди на училиште! Неоправданото правење разлики по национална припадност е многу често. Ти си католик, затоа си секташка, наркоманка, луда, а твојата најдобра другарка која е Албанка е неписмена забулена шиптарка! До кога? До кога ќе се молчи во општеството? Кој ќе ја залечи повредата на приватноста на овие деца? Никој, апсолутно никој не го засега туѓата болка, затоа биди одговорен пред самиот себе, насилникот само се прикажува како моќен, а всушност тоа е дете незадоволно од себе, кое стои на работ на бездна. Немој да молчиш, не си сам, нè има и премногу во оваа мала држава. Јас сум една од вас, го кренав својот глас против булингот со моето дело романот „Булинг во основното училиште“. Поради мојата вистинска приказна доживеав низа неправди, искрено се гордеам, говорам во името на илјадници жртви на булинг, деца отфрлени во општеството, скршени како безвредно парче стакло, деца без право на детство. Да се прашаме, каде се младите?! Веќе си заминаа во туѓина со билет во еден правец. Тие што останаа, се шуткаат по билингвалните паралелки со цел да избегаат од земјата каде што моќниот надвладува. Секој па дури и дете“.

Што можеме да направиме за спречување на насилството?

Насилството треба да се спречи, подобро отколку да се лечи како негативна појава во поведението. За таа цел потребно е индивидуално да се запознае секој ученик од одделението-класот односно училиштето, кои изразуваат и манифестираат негативно поведение. Како резултат на тоа, повеќето од нив укажуваат на фактот и потребата од изготвување на ИНТЕРВЕНЦИСКИ ПРОГРАМИ на ниво на училиште, на ниво на одделение-клас и на индивидуален степен на ученикот кои треба да бидат кординирани на ниво на општина меѓу општини и на државно ниво.

Врз основа на примената на мерките, програмските активности за намалување на агресивноста од следењето на наставниците согледано е дека истите кај одредена категорија на ученици даваат позитивни ефекти но неподеднакво од сите програмски активности и содржини, на што се укажува од потреба на примена дополнителни насочувања и советувања. Поконкретно речено на примената на наведените мерки и активности треба да дадат директорите на училиштата, како педагошки водители и кординатори на сите активности во училиштето.

Имено, кога се воведуваат интервенциски мерки и активности директорот на училиштето треба да даде подршка за примената за таквите програми, вклучувајќи ги со себе педагозите, психолозите и поискусните наставници кои треба да ја сочинуваат кординациската група на училиштето, односно ќе кординираат со одделенско-класовите наставници, оделенско-класовните заедници, советот на родителите вклучувајќи го и училишниот одбор во училиштето. Имено, кординативната група повремено ќе врши контрола за време на одморот, воннаставните активности, ќе ја прати примената и правилата на организацијата и правилата на одделенските состаноци, обавување на разговори со учениците „насилници“ и нивните родители од кои ќе изведуваат сознанија и заклучоци за негативното поведение, агресивноста за нормализирање и хомогенизирање на одделенско-класовиот колектив.

Наведените сознанија укажуваат дека насилството како општествена и асоцијативна појава на поведението во современи услови на живеење се повеќе го актуализира насилството како резултат на повеќе општествени промени, миграциони движења, урбанизација модерен начин на живеење со што се намалува воспитната вредност на семејството и на одреден број на деца и ученици се препуштаат на училиштето, улицата, а сето тоа условува појавување на пристапништвото, деликвенцијата и манифестирање на агресивноста.

Од тие причини се јавува потреба сите чинители подеднакво да ја превземаат функцијата и улогата на воспитувањето на децата-учениците семејството од овој аспект на семејна емотивна клима што преставува основа за понатамошниот развој и воспитание, а не да ја пропушти улогата само на училиштето. Училиштето како едукативна институција има своја општествен улога но и педагошка-едукативна која согласно програмско-курикуларните основи и програми реализира програмски содржини и активности односно училишни и вонучилишни во чие реализирање значајна улога имаат и родителите, но незапоставувајќи ја воспитната улога на училиштето. И во тој поглед треба да го дадат заедничкиот прилог и придонес во развојот и формирањето на младите генерации идни граѓани на општеството. И покрај заемното делување и соработување на семејството-родителите, училиштето и наставниците за едукација на учениците во практиката на секојдневието наидуваме на поедини ученици од различни семејни и социјални средини и категории кои по прилика на објективни и субјективни околности остапуваат во поведението на однесувањето стануваат проблем за себе, за родителите за училиштето, наставниците за средината и општествената заедница. Од тие причини семејството и училиштето, родителите и наставниците должни се да превземаат мерки и активности за превентивно делување преку посебни програми, таа категорија на ученици да ја насочат кон превенирање и нормално однесување кон секојдневието на животното учење и училишните активности. Од тие причини општеството треба да има слух и разбирање за превентивно едуцирање и толерирање за таа категорија на ученици, за што е потребно да се изготват посебни информативно-пропагандни материјали во вид на брошури, прирачници, прашалници кои ќе бидат достапни за сите чинители и учесници во едукациските процеси.

Ваквиот тренд треба да го следат и невладините организации, домашни и странски кои ги третираат прашањата за развојот на воспитанието и хуманизацијата и толеранцијата на децата-учениците, како што се: Сојузот за грижи за воспитување на децата (сега не постојат, ги нема детските одморалишта…-зошто?) Подмлаткари на црвениот крст, Сојузот на извидници, хуманитарни организации, УНИЦЕФ и други.

Согласно изнесените сознанија и видувања треба да истакнеме и напоменеме дека Конвенцијата за правата на детето во Република Македонија и покрај декларативните залагања се уште во практиката на секојдневието во институциите за воспитание и образование и институциите на државата не е на завидно ниво, што укажува и дава до знаење дека треба да се реактивира Националното координативно тело од повеќе органи, институции и невладини здруженија кои согласно Конвенцијата, состојбите и програмските активности ќе го следат процесот на практикување на правата на детето во воспитно-образовните институции, наставните програми, воннаставните активности и во содејство со здруженијата на граѓани ќе создаваат услови и можности за практикување на Конвенцијата за правата на детето во Република Македонија.

Наведените сознанија и видувања сами по себе потврдуваат дека во сузбивањето на агресивноста-насилството како негативна појава и како превенција треба да земаат учество сите чинители субјекти и на ниво на Републиката Македонија.

To top