Министерот Панче Тошковски кој деновиве предводеше делегација на министерството за внатрешни работи во Турција оствари средба со директорот Халук Ѓорѓун и раководството на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција.
-На средбата ги разгледавме можностите за соработка на високо со наша крајна цел модернизација, зголемување и зајакнување на капацитетите на македонската полиција особено во делот на примена на современи технолошки решенија за надзор на границата. Во рамки на агенцијата функционираат значителен број турски компании кои се занимаваат со производство на оружје, воздухоплови, дронови и голем број современи системи од областа на безбедноста и одбраната кои целосно се произведуваат во Турција. Посетивме реномирани компании како Тусаш и Аселсан и други, каде се запознавме со нивната работа и производи и воедно посетивме неколку оддели на турската полиција каде можевме да се запознаеме со практичната примена на нивните производи во обезбедување на безбедноста на граѓаните. Градиме модерна и опремена европска полиција која ќе овозможи безбедност за секој граѓанин, бидејќи функционалноста на безбедносниот систем е предуслов за функционирање и напредок на правната држава и благосостојбата на нејзините граѓани, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски ја посети и турската полициска академија каде оствари работна средба со директорот на која беше разговарано за унапредување на соработката со Центарот за обука на МВР со акцент на континуираните обуки и во тој дел поддршка во зајакнување на капацитетите на Центарот за обука.