Првоосомничениот за убиството на 14-годишната Вања, веднаш по убиството на 30 ноември избегал за Белград, а потоа заминал во Бугарија, а заедно со него е и неговиот адвокат.
Тројца осомничени, кои го признале делото и се соучесници, се во 48 часовен притвор, додека официјално не биде покрената истрага. Таткото на Вања, кој посредно дал информации кога Вања ќе биде сама, не признава никаква вмешаност во убиството.
Берберот од Велес, 74-годишниот Панче Ж. пак, убиен е за долг од 500 евра кон својот сосед, соучесник во грозоморниот чин. Неговиот автомобил „ситроен“ е искористен за грабнување на Вања Ѓорчевска, која во 7.30 часот, на 30 ноември е пречекана во влезот од својот дом, врзани ѝсе рацете и нозете, ставена е во вреќа за спиење и оставена во багажникот од автомобилот. Убиецот, во возило „рено кангу“, се наоѓа пред „ситроенот“, а од тука заминуваат надвор од Скопје, во близина на селото Бразда, каде Вања е убиена со огнено оружје, само два часа по грабнувањето. Едниот од осомничените сведочи на убиството, додека другиот чува стража. Двајцата го копаат гробот во кој е скриено телото на невината 14-годишна девојка.
Мотивот за овие убиства е „користољубие“, тврдат истражните органи, односно да се изнудат пари од мајката на Вања, која наводно продала стан. Но, барање за откуп до неа не е стигнато.
Зошто е убиено девојчето, а планирале да бараат откуп за неа, приведените велат дека ги фатило паника, па решиле прво да ја убијат, а потоа да бараат пари.
Велешанецот, кој беше пријавен за исчезнат на 24 ноември, всушнот бил киднапиран и убиен два дена порано, на 22 ноември, а на неговото убиство сведочел другиот осомничен.
Сите информации со кои располага полицијата и обвинителството се од исказите на осомничените кои се во притвор, кои пак, ја раскажале трагичната приказна. Но, како што потврди и јавниот обвинител Гаврил Бубевски, денеска на прес-конференција, најдени се и обезбедени материјални докази, кои ја поддржуваат приказната на осомничените.
Ова накусо е развојот на настаните кои доведоа до две убиства, две жртви, малолетничка и повозрасен човек, кои тешко дека имале некаква вина.
На прес-конференцијата во Јавното обвинителство денеска имаше многу новинари, кои се обидоа да ја дознаат вистината за двете грозоморни убиства што се случија во рок од само седум дена. Јавниот обвинител Бубевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки, видно вознемирени, се обидоа да одговорат на сите прашања, но дел од прашањата останаа неодговорени, затоа што истрагата уште не е ни почната, а случајот е во предистражна постапка.
Сепак, уверуваат дека опасност за граѓаните од оваа група соизвршители не постои, затоа што тројца се во притвор, а едниот е надвор од државата, во бегство.
Како што појаснија, властите во Србија и во Бугарија се предупредени, дека кај нив можеби се крие убиец, а како што рече Бубевски, тој не може да претставува закана за безбедноста, затоа што полицијата трага по него.
– Мора да видиме точно, кои се опасностите за сега за другите. Во овој момент, јас такви опасности, по сево ова што го знам од овој предмет и како заврши и како се откри, јас не гледам – сигурен беше Бубевски.
Сепак, останува фактот дека убиецот, оној кој го повлекол орозот и усмртил двајца е во бегство и тоа надвор од државата, како што претходно соопшти министерот за внатрешни работи Спасовски, прво избегал во Белград, па заминал во Бугарија.
– Тие сите ќе бидат известени, ќе знаат за кое лице се работи и по тоа лице ќе се трага, така што тоа лице не може повеќе безбедно да се движи, за себе – рече Бубевски.
Денешната прес-конфереција беше со цел да се кажат одредени работи со кои располагаат полицијата и обвинителството, за да престанат шпекулациите по социјалните медиуми, но сите факти може да ги очекуваме денеска попладне или утре, кога ќе се напише кривичната пријава.
Инаку, до расветлување на двете убиства дојде по пријавата за исчезнат маж од Велес, на 24 ноември, од негови пријатиели, а потоа и по двете пријави од родителите на Вања. Едната во 8.30 утрото на 30 ноември, кога мајката телефонски пријавила во полиција, а другата од таткото кој се појавил во полициска станица. Ниту едниот, ниту другиот не спомнале дека имаат какви и да се закани или дека некој бара пари од нив, туку само дека Вања заминала во училиште, но таму не се појавила.