Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина ѝ се потребни уште 12 до 15 системи за противвоздушна одбрана за целосна заштита од руските воздушни напади.
Обраќајќи се на самитот на Обединетите експедициски сили (JEF), Зеленски потсети на интензивните руски напади врз енергетската инфраструктура на Украина минатиот петок. Тој нагласи дека Украина успешно се одбранила, но предупреди дека Русија повторно ќе нападне.
-Затоа ни треба сигурна заштита од воздушниот терор, што значи доволно системи за противвоздушна одбрана. Потребна е целосна реализација на договорите од самитот на НАТО во Вашингтон, истакна Зеленски.
Тој додаде дека Украина добила значајни ветувања за овие системи како компензација за неможноста да се приклучи на НАТО. (МИА)