По минатонеделното излевање на вода на улицата „Никола Парапунов“ во Општина Карпош, од ЈП „Водовод и канализација“ за МИА информираат дека, според информациите што ги имаат, најавениот прекин на вода во Скопје ќе биде после 22:00 часот во петок (20 декември) и ќе трае се до санирање на дефектот.
Вода во Скопје ќе имаат жителите на Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарска до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско поле, Новоселски пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански двор, Волково и Орман. Останатите корисиници од ќе бидат без вода, посочуваат од ЈП „Водовод“.
За санирање на дефектот ќе биде запрена водата од главниот градски цевковод Ф-1600, заради реализација на претходно најавениот сложен оперативен план за санација на главниот цевковод. Покрај оваа локација, од „Водовод и канализација“ информираат дека ќе бидат санирани уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод, и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар „Партизански одреди“ со улица „Никола Парапунов“.
– Затварањето ќе биде извршено на затварач Ф-1600, кој локациски се наоѓа во кругот на касарната во Ѓорче Петров, со што во моментот на отпочнување со санација неопходно е затварање на вода на главниот градски цевковод Ф-1600 милиметри. Затварање на вода на главниот градски вод Ф-1600 милиметри се прави еднаш на педесет години, а последно такво затварање било 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец. За решавање на дефект од овој тип се изготви оперативен план со кој поефикасно и побрзо ќе се санира. Со овој зафат покрај тоа што се врши санација на дефектите на претходно споменатите затворачи, дирекно ќе се намали загубата на вода од нивно протекување и ќе овозможи ревитализација на потегот од Ѓорче Петров до Карпош, се вели во соопштението.
Потенцираат дека системска промена на пет децении стари затварачи и рехабилитација на хидротехничката опрема е потребна со цел зголемување на трајноста на водоводната мрежа и подобрување на нивото на притисок во водоводната мрежа.
-Со воспоставувње на зони како адекватен метод за контрола на загубите на вода се овозможуваат услови за значително редуцирање на времето потребно за санација на дефекти, а овој зафат е дел од фундаменталната стратегија во намалување на загубата на вода во водоводниот систем, се наведува во соопштението од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. (МИА)