Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против С.Н. (40) од Скопје и 23 други лица од повеќе градови во државата. Според МВР, С.Н. – соработник за финансиски прашања во Службата за општи и заеднички работи во Владата внесувал поголем број на празнични работни часови на 23 шумски полицајци. Овие дејствија резултирале со противправна имотна корист од околу 1.548.040 денари, оштетувајќи го државниот буџет.
– Пријавениот С.Н. – соработник за финансиски прашања во Службата за општи и заеднички работи во Владата, во периодот од ноември 2021 година до април 2022 година, кој бил ангажиран за изработка на пресметките на плата на вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја злоупотребил својата службена положба на начин што при изработка на пресметките за плата на 23 –те лица, сите вработени како шумски полициски службеници, во сите обрасци за плата, во графата „празнични часови“ внесувал поголем број на празнични работни часови, иако знаел и имал увид дека лицата немале воопшто или имале значително помал број празнични работни часови, стои во соопштението од МВР.
Останатите 23 лица се осомничени за прикривање по член 261 од Кривичниот законик, бидејќи ги присвоиле незаконски исплатените средства и не го пријавиле поголемиот месечен прилив до Министерството.
– На тој начин, пријавениот С.Н. им овозможил на другите 23 лица да се стекнат со противправна имотна корист од околу 1.548.040 денари, за кој износ го оштетиле државниот буџет, велат од МВР.