Државната изборна комисија, во рамки на денешната 116-та седница донесе одлука со која се предвидува распишување јавна набавка за услуги за хостирање на нејзината веб страница.
На седницата, на која единствена точка на дневниот ред беше Одлуката за дополнување на Годишниот план за вкупните потреби за јавни набавки со набавка на услуги за хостирање на веб страната на ДИК, претседателот на Државната комисија Борис Кондарко, изјави дека станува збор за тековна техничка работа, односно редовна набавка во отворена постапка.
Членот на ДИК, Ангелчо Ристов појасни дека со оваа одлука ДИК врши измена на Годишниот план за вкупните потреби за јавните набавки за 2024 година, со оглед на фактот дека сме на 15 дена пред истек на буџетската 2024 година, а која е неопходна за редовното работење на ДИК.
– Предвидена е набавка за услуга за хостирање на веб страницата на ДИК, и е со проценета вредност од 90 000 денари, рече Ристов.
Пред крајот на годинава, ДИК ќе одржи нова седница, за што дополнително ќе информира.