Македонија

Муцунски: Денеска е историски ден за професионализација на македонската дипломатија- поставуваме праг за идно именување на професионални дипломати

Муцунски: Денеска е историски ден за професионализација на македонската дипломатија- поставуваме праг за идно именување на професионални дипломати

Денес го сметам за историски значаен ден за професионализацијата на македонската дипломатија, како и за дополнителен мотив за сите вработени во МНРиНТ. Испраќаме јасен сигнал дека квалитетните амбасадори најчесто се професионалните дипломати – ‘занает’ што го цениме и надградуваме, како нивните лични капацитети, така и институционалните, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостувањето во Дневникот на Сител ТВ.

„Историски чекор е зголемувањето на задолжителниот процент на професионални дипломати кои ќе бидат амбасадори и генерални конзули. Долг временски период, законот регулираше дека две третини од амбасадорите доаѓаат од редот на т.н. ‘политички именувани амбасадори’, додека само една третина беа професионални дипломати од Министерството. Со предложените измени, задолжителниот процент на професионалци се крева на 50 проценти, а бројот на политички именуваните амбасадори се ограничува на најмногу 50 проценти,“ објасни министерот.

Тој нагласи дека се поставува историски праг, кој е убеден дека ниту една идна влада нема да може да го намали, бидејќи јавноста нема да прифати понизок стандард од овој. Дополнително, истакна дека ќе се работи и понатамошно зголемување на учеството на професионални дипломати, но дека за тоа е неопходно подобрување на внатрешните капацитети на Министерството.

Во однос на именувањето на амбасадорите, Муцунски посочи дека предложените измени го зајакнуваат и учеството на Собранието во овој процес. „Правиме исчекор и во улогата на Собранието во именувањето на амбасадори, бидејќи тоа е клучна институција, гласот на граѓаните, и треба да го даде својот придонес во овој процес,“ додаде тој.

Муцунски потенцира дека новиот предлог-закон за надворешни работи го дефинира процесот на креирање политики во делот на надворешната трговија и странските инвестиции, кои ќе бидат фокус на работата на Владата и Министерството во иднина.
Тој во интервјуто истакна и дека со новиот предлог-закон се прави минимално зголемување на коефициентите за плати и трошоците за живот на дипломатите, што постепено ги приближува до стандардите за плати на земјите од регионот.

Најнови вести од Македонија

To top