Разговорите на конференцијата на ОН за борба против дезертификацијата, КОП16, завршија во Ријад без обврзувачки договор за борба против сушата, соопштија учесниците.
– На страните им треба повеќе време да се договорат за најдобриот пат за напредок, рече извршниот секретар на Конвенцијата на ОН за борба против опустинувањето, Ибрахим Тиав, во завршниот говор.
Конвенцијата обединува 196 земји и ЕУ.
Разговорите завршија рано наутро, еден ден подоцна од планираното. Пред состанокот, кој почна на 2 декември, Тиав рече дека се надева на „храбра одлука што може да помогне да се запре трендот на најраспространетата и најштетна еколошка катастрофа: сушата“.
Во соопштението за медиумите објавено денеска се вели само дека земјите-учеснички „постигнале значителен напредок поставувајќи ја основата за иден глобален режим за борба против сушата, кој тие имаат намера да го финализираат на КОП17 во Монголија во 2026 година“.
Според ОН, сушата, „поттикната од човечкото уништување на животната средина“, го чини светот повеќе од 300 милијарди американски долари секоја година, а до 2050 година би можела да влијае на 75 отсто од светското население. Според претставникот на една африканска земја, претставниците на африканскиот континент сакаат да се договорат за обврзувачки протокол што ќе ги принуди владите да подготват планови за справување со сушата.
– Ова е првпат да ја видам Африка толку обединета, со силна обединета позиција, за протоколот за суша, рече неименуваниот функционер.
Двајца други учесници на конференцијата, кои исто така сакале да останат анонимни, рекоа дека развиените земји не поддржуваат таков протокол, претпочитајќи „рамка“, која не е доволна за африканските земји.