Европската унија сака наскоро да стапи во контакт со новите власти во Сирија, на „оперативно, а не на политичко“ ниво, изјави денеска неименуван висок европски функционер.
– Размислуваме за воспоставување контакти … Тие контакти ќе бидат на оперативно ниво и се надеваме дека тоа ќе се случи наскоро, рекол функционерот кој сакал да остане анонимен, пренесе Бета.
Тие контакти нема да се случат „на политичко ниво, и не на ниво на високи функционери“, рече функционерот, додавајќи дека ЕУ има вршител на работите за Сирија, со седиште во Бејрут.
По 11-дневната офанзива, бунтовничката коалиција предводена од радикалната сунитска исламистичка група Хајат Тахрир ал-Шам го зазеде Дамаск на 8 декември, ставајќи крај на половина век владеење на семејството Асад.
ЕУ, чии министри за надворешни работи се состануваат в понеделник во Брисел, сака да „испрати пораки“ до новите сириски власти, особено за почитување на малцинствата, човековите права и територијалниот интегритет на земјата, повтори денеска европски функционер.