Башким Асани од коалицијата „Влен“ на денешната прес-конференција, коментирајќи го барањето на ДУИ за итна оставка од претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, нагласи дека тие најпрвин треба да побараат оставка од своите членови.
– ДУИ оставки најпрвин треба да бара од своите членови на партијата. Од претседателот, потпретседателот, па по ред, од сите. Чесните членови на ДУИ мора да станат да постават шатори во Мала Речица и да бараат ослободување на партијата од сенки и корумпирани кукли. Ова е единствениот начин да се спаси она што остана од оваа партија. „Влен“ секогаш ќе се залага за Албанците и ќе се бори за ослободување на политиката корупција и измами, рече Асани.
Демократската унија за интеграција денеска преку соопштение побара итна оставка од претседателот на Уставниот суд.
– Реакцијата на Претседателот на Уставниот суд на прес-конференцијата ја означува кулминацијата на неприфатливоста. Прашан од новинар за недостигот на албанскиот јазик на таблата зад него, и покрај фактот што законот за употреба на јазиците е во сила, Претседателот изјави дека „знае дека законот е во сила, но не му се допаѓа законот“. Таквата изјава е скандалозна и целосно неприфатлива! Лице кое отворено изразува несогласување со законите во сила и применува двојни стандарди на толку важна позиција како Претседател на Уставниот суд, не може да биде достојно за да продолжи со должноста. Неговото однесување ја поткопува не само довербата на граѓаните во институциите, туку и основните принципи на демократијата и меѓуетничката еднаквост. Поради овие причини, ДУИ повикува на итна оставка на претседателот на Уставниот суд, се вели во соопштението на ДУИ.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, вчера истакна дека одлуката за одржување подготвителна седница за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците не треба да се толкува како слабост. Тој информираше дека на работен состанок на 23 декември ќе се дефинираат спорните прашања, а по завршување на подготвителната седница, најдоцна до мај, Судот ќе одлучува по предметот.
– Во оној момент кога ќе го добијам пријателскиот совет од Венецијанската комисија веднаш ќе биде свикана подготвителната седница. Уште сега на крајот од оваа седница побарав од судијата известител најдоцна до 23 декември да ги подготви спорните правни прашања за подготвителната, да подготви предлог листа на учесници, бидејќи одлуката ја носи Судот на посебен работен состанок, и во оној момент кога ќе го добиеме амикусот моја проценка е дека ќе биде тоа почетокот на март, ќе биде одржана подготвителната седница, рече тој, дополнувајќи дека по завршување на подготвителната седница, не повеќе од месец дена, ќе им бидат потребни за разработка на рефератот врз основа на резултатите од подготвителната седница, што значи, како што рече, најдоцна во мај Судот ќе одлучува по предметот.