Скопје ЗЕЛС

Ѓорѓиевски: За проблемите од минатото се изнаоѓаат решенија, ги детектираме предизвиците за 2025

Прашан за воведувањето на комунална полиција, тој кажа дека очекува скоро формирање на комунална полиција и дека ќе се бара зголемување на казните за загадувачите.

Ѓорѓиевски: За проблемите од минатото се изнаоѓаат решенија, ги детектираме предизвиците за 2025

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски денес говореше на седмото Генералното собрание на Заедницата на единиците на локална самоуправа, каде фокусот е ставен на буџетот и акцискиот план на ЗЕЛС за 2025 година, како и врз актуелни теми и предизвици со кои се соочуваат општините во Република Македонија. Пред почетокот на седницата, во изјава за новинарите тој рече:

-Денес ја одржуваме седмата седница на Генералното собрание, највисокото тело на ЗЕЛС, на која ќе дискутираме за состојбите и сите оние проблеми кои ги надминавме заеднички со моите колеги изминатава тековна година. Ќе се разговара, исто така за плановите и предизвиците во перспектива за наредната година, силен фокус имаме и дел од разговорите ќе бидат насочени околу унгарскиот кредит и повикот кој треба да се случи следната година, односно во месец февруари, но ќе разговараме исто така околу законските пречки со кои што се соочуваме и надминување на истите. Знаете дека, ние како ЗЕЛС уште пред нешто повеќе од една година го инициравме и она што веќе стана многу актуелно последниов период во јавноста, а тоа се измени во Законот за локална самоуправа поврзани околу начинот на престанување на мандатот на градоначалниците, но и за одредени законски измени поврзани со експропријацијата кои што ќе треба заеднички да ги направиме во координација со Министерството за транспорт и врски. Така што, се на се, како и на секое Генерално собрание денес ќе ги утврдиме состојбите со кои се соочуваме, но ќе ги утврдиме и перспективите и она што ќе ни биде силен и главен фокус за наредната година, изјави Претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски.

На новинарско прашање околу тоа до каде се измените на Законот за локална самоуправа и дали доколку се донесе Законот до крајот на овие мандати сега, ќе се бара отповикување на некои градоначалници и кои би биле тие, Ѓорѓиевски информираше:

– Има работни групи кои интензивно работат на оваа проблематика и надминување на проблемот кој што сега постои согласно законските регулативи, а беа поттикнати, истите како иницијатива од наша страна, поради состојбите пред се’ во градот Скопје. Во тој дел работат работните групи и ќе треба да се случи, нормално работната група од ЗЕЛС да работи во наредниот период со Министерството за локална самоуправа, но треба да ја вклучиме во целиот процес и експертската јавност. Не е доволно да направиме решенија како што имало честопати примери во минатото кои ќе бидат на краток рок, туку нам ни треба темелна реформа, која што ќе овозможи измената на законското решение да има ефект и во перспектива, за и оние што ќе дојдат после нас да не се соочуваат со проблем како што се соочуваме ние. Пред се, тоа да биде во интерес на граѓаните бидејќи ние сите сме избрани од нив. Јас сега не би навлегувал да споменувам индивидуалци, тоа најдобро го знаат граѓаните, но најалармантно морам повторно да кажам да не го сфати лично госпоѓата Арсовска, најалармантна е состојбата во градот Скопје. И тоа беше првата причина која што не наведе нас на дискусија, од која произлезе и овој предлог на ЗЕЛС.. Ние сме апсолутно свесни дека со тоа моќта на градоначалниците повторно се враќа во рацете на граѓаните и така треба да функционира овој систем, затоа што ние сега како градоначалници во многу општини се соочуваме со состојба каде што решаваме, во 21 век, подземна инфраструктура. Тоа се проблеми кои требало многу одамна некој други пред нас да ги решат, дали е тоа за Кисела Вода, Валандово, дали е за Берово, за Пехчево, Скопје – за каде и да е, тоа се проблеми кои што некој не ги решил во минатото. Зошто не ги решил? Затоа што сите градоначалници, вклучувајќи не и нас, сега знаеме дека граѓаните се најголемиот суверен, но ја даваат поддршката и не може некој да ве отповика од истото доколку не функционира општината и не работите во интерес на граѓаните. На овој начин, градоначалникот кога ќе влезе во просториите на општината, ќе знае дека како што ја добил поддршката од граѓаните, ќе може истите тие и многу порано од истекот на мандатот, да му го одземат мандатот. И тоа е единствен правилен начин да имаме функционални локални самоуправи и градоначалници кои исклучиво ќе бидат водени од интересот на граѓаните, истакна Ѓорѓиевски.

Прашан за воведувањето на комунална полиција, тој кажа дека очекува скоро формирање на комунална полиција и дека ќе се бара зголемување на казните за загадувачите.

-Што се однесува до комуналната полиција, веќе има изготвено предлог – текст на Закон, односно измени за истиот. Ние веќе имавме веќе средба со министерот Тошковски, а утре имам повторно координативен состанок со него, на кој, меѓу останатите точки ќе го разгледаме и ова прашање и верувам дека и тоа законско решение ќе биде донесено во скора иднина. Сакам да споменам дека инициравме промена на глобите коишто во моментов се минимални и изнесуваат од 50-тина до 200 евра. Ние бараме минималната глоба, особено за оние создавачи на диви депонии, да биде од 4000 до 6000 евра и да постои можност службите од општината да го запленат и возилото па подоцна тоа да биде предадено на МВР, затоа што за жал поради 1, 2 или 5 проценти од нашето население кое се однесува несовесно, ние се доведуваме во состојба да страда целата населба, целата општина, дури и целата држава да има проблеми. Така што верувам дека и за овој дел ќе имаме апсолутна поддршка да ги направиме измените, изјави Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.

Најнови вести од Скопје

To top