Етницитетот семантички означува облик на културен идентитет на длабоко и емоционално ниво и е дефакто синоним за етничката култура во совремието. Етничката култура има вредности, традиција и пракса, но, онаа што е најважно е што таа култура на луѓето им овозможува чувство на зеднички идентитет и посебност, обично фокусирајќи се на нивното потекло и заедничките претци. Од деведесетите години на дваесетиот век кога почнува подемот на етничката култура, се водат постојани дебати за изнаоѓање праведен и функционален однос меѓу конститутивниот народ како суверен на една државна територија, версус правата на етничките малцински групи коишто живеат на таа иста територија.
Поимот нација како супстрат на сувереноста на една национална држава и поимот етничка група се појмовно и толковно противречни. Нацијата е отворена за пристапување (по пат на здобивање на државјанство и граѓански статус) и политички одредена со дефинирана територија и државен апарат, додека етничката група нема стандарден облик и варира во зависност од нејзината бројност и населеност во одредени региони во одделни држави. Етничката група е во основа затворен културен идентитет (не можете да и се придружите на етничка група,може само да и припаѓате)!
НАДВОРЕШНИ И ВНАТРЕШНИ ПРИТИСОЦИ ВРЗ СУВЕРЕНОСТА НА ДРЖАВИТЕ
Слабеењето на современата држава не се должи само на процесот на глобализација како модерна идеолошка парадигма,политичка пракса и акција, туку исто така е потикнато и со политиката на етничка лојалност и регионален идентитет.
Економската и политичка глобализација дефинитивно доведоа до реконструкција на традиционалното разбирање на државата. Современите држави сега егзистираат во полусуверени услови, одредени со меѓузависноста на националната и светската економија од една страна. Од друга страна растечката улога на меѓународните и наднационални тела (ЕУ, НАТО, СТО, ММФ, Светска банка…) го стеснува просторот на државата самостојно да носи политички одлуки во делот на монетарната политика, во земјоделството и рибарството, во одбраната и надворешната политика.
Подемот на етничката политика кон крајот на дваесетиот век може да се спореди со националните движења во деветнаесетиот век и веројатно има исти далекусежни последици. Националната идеја доведе до создавање на нациите во определени државни ентитети и уништување на монархистичките мулти-национални империи како што беа Австро-Унгарската и Османлиската империја. Долгорочно анализирано етничката политика го доведува во прашање опстанокот на нациите, особено помалите нации во слаби државии во тие држави националната политика несомнено ќе конвергира кон мултикултурализам.
Додека национализмот ја вградува колективната меморија во историски и државотворен контекст,ги јакне општествените врски и колективниот дух, политиката на мултикултура ги нагласува “степените на културната различност и разликите во идентитетите” во голем број на современи држави. Мултикултурата во основа ги потенцира културните различности и се потпира на раса, етницитет или јазик.
Односот меѓу мултикултурната политика и националната идеја е сложен. Либералните и анти-колонијални национализми се одликуваат со национални традиции коишто гравитираат кон мултикултурализам,затоа што застапуваат отворен модел на нацијата,како политичка односно граѓанска појава на јасно изразена народна воља за своја држава. Оние држави коишто ја третираат нацијата како органски или примарен производ на културата, го нагласуваат етничкиот карактер на нацијата и националниот подем го толкуваат како природен процес на себепотврдување на етничката димензија. Во тој контекст нациите се делат на примарни или органски нации-производ на културата и политички или граѓански нации коишто се создаваат кога објективните општествени услови дозволуваат формирање на политички ентитет. Вообичаено како политички ентитет се јавуваше државата којашто преку образовниот систем, печатот, комуналниот ред и социјалниот инжењеринг го овозможуваше самоопределувањето на населението како природен процес и обезбедуваше меѓународна верификација на суверенитет!
Во таа смисла независно дали се определуваме за научните теории кои тврдат дека нациите ги создаваат национализмите,или го почитуваме ставот дека национализмите ги создаваат нациите,национализмите можат да бидат конзервативни и традиционални или да имаат либерална и политичка основаност. Припадниците на либералната идеја за нацијата помалку ги поврзува единствената култура,а повеќе заедничкото државјанство и лојалност. Се додека националниот идентитет почива на граѓанската односно политичката лојалност, се чини дека има надеж за националните држави во совремието.
СЛАБОСТИТЕ НА МУЛТИКУЛТУРНИТЕ ОПШТЕСТВА ИМАНЕНТНИ ЗА МАКЕДОНСКАТА РЕАЛНОСТ
Мултикултурните друштва се поделени, а таа поделеност се манифестира со судири, недоверба, непријателство и непочитување. Меѓутоа,“тој хаос” не мора да биде само последица на нетолерантност, не знаење или општествена нееднаквост туку едноставно тоа е продукт на социјалната психологија. Либералната државна доктрина наметнува таков социо-психолошки амбиент којшто инсистира на индивидуалните човекови права како примарен кодекс на живеењето,а ги запоставува државничките обврски и моралните должности што секој човек којшто има државјанство на една држава треба да ги исполнува. Конечно, во зависност од степенот на политичката култура на поединецот, ќе се почитуваат или нема да се почитуваат институциите на државата! Односот на поединецот кон државните институции не е само граѓанска категорија,туку е во директна зависност од дијалектичкото единство меѓу природните својства на секое човечко битие и неговата културна припадност кон одредена општествена класа или етничка група. Иако луѓето се природни суштества коишто поседуваат индивидуална физичка и ментална структура, тие се и културно моделирани бидејќи на нивниот начин на размислување,однесување и начин на живот влијаат етничките групи на кои припаѓаат.
Растот на етничката и регионална политика ја потенцира комплексноста на мултикултурната политика. Стремежот кон силен етницитет не може да се објасни само со структурна нееднаквост во материјалниот развој и поделбата на развиен центар и заостаната периферија на ниво на една држава или насветско ниво. Зошто етничките идентитети станаа толку значајни кон крајот на дваесетиот век, кога неправдите меѓу оделни народи и етнички групи постоеле со генерации, а можеби и векови?! Појавата на “постмодернизмот” како феномен на либералната граѓанска демократија,на експлицитен начин дава одговор на оваа прашање!! Како што се тврди во науката дека националната идеја била историска нужност и извор на културното единство во манифактурните индустриски општества од 19 век,така етничката свест е можеби неопходната обединувачка сила во современите “постмодерни општества”. Опсесијата на поединецот со неговите индивидуални права и граѓански слободи и запоставувањето на моралните обврски кон државната заедница чиј што член е тој поединец,ја слабее граѓанската лојалност и одговорност кон јавните добра,со што трајно се нарушуваат и односите меѓу луѓето коишто изградиле граѓанска свест. Оваа особено се однесува на втората и третата генерација во семејството-синови,ќерки,внуци, чиј што индивидуализам најпрво ја разбива семејната традиција и кохезија, а причински-последично ја разградува и државата како политички ентитет.
МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА ЕКСПЕРИМЕНТ ЗА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ГРАНИЦАТА НА ТОЛЕРАНТНОСТ МЕЃУ КОНСТИТУТИВЕН НАРОД И МНОГУБРОЈНО ЕТНИЧКО МАЛЦИНСТВО
Од самиот почеток на создавање на Народната Федеративна Македонска Држава со социјалистичко општествено уредување “проблемот на етницизмот” бил свесно замрзнуван и игнориран. Главна цел во тоа време било тежнението да се создаде “социјалистички човек” посветен единствено на класната солидарност. Меѓутоа, во периодот на распаѓање на федералната Југословенска држава воскреснувањето на етничкиот и верски национализам беше главно средство за искажување на анти-комунизмот во Македонија.
Политичката нестабилност и економска неизвесност – природен нуз-продукт на распаѓањето на социјалистичкиот општествен систем, беше идеална подлога за растот на етничката политика. Во амбиент на јасно изразени амбиции на одделни етнички малцинства за реализирање на колективен етнички идентитет во недефинирана форма (на преден план беше албанското етничко малцинство), отпочнаа и првите недоразбирања во односот меѓу Македонскиот конститутивен народ и етничките малцинства во независна Македонија. Отаму, негласањето на албанската етничка заедница претставена преку нивните политички партии во Македонското Собрание за првиот Устав на независната држава, беше јасна артикулација на нова етничка политика за поголеми индивидуални и колективни човекови права. Во тој контекст се јави и етничка напрегнатост во државата, со нелегалниот референдум за нејасен политички проект “Илирида” на територијата на Западна Македонија.
Воениот конфликт во 2001 година имплантиран од територијата на тогашниот меѓународен протекторат Косово, беше нов предизвик за Македонската држава. Мој впечаток е дека мистификацијата на Рамковниот договор којшто целосно е преточен со 15 амандмани во Уставот на Р.Македонија во 2001 година е клучна причина за етничката напрегнатост во државата. Неприфатливо е постојано инсистирање за “нови толкувања” за содржината на тој Рамковен договор,кога сите аспекти за поголеми права на албанците во Македонија се содржани во македонскиот Устав. Рамковниот договор е само еден архивски документ!
Може ли Уставот да се надгради? Се разбира дека може! И тоа преку процесот на “деволуција”- административно и законодавно пренесување на надлежности од централната на локалната власт. Впрочем, премиерот Мицкоски го отпочна тој процес во економската сфера. Ќе бидат потребни многубројни јавни дебати, отворени и добронамерни предлози за да се дојде до вистинското решение. Но, тоа ќе биде задача не само на македонската политика туку и на цивилното општество!
Зарем јазикот може да биде пречка во меѓуетничката соработка на државно ниво. Јазикот е највисока антрополошка придобивка во историјата на човештвото. Меѓутоа, неговата употреба (кога се во прашање повеќе етнички групи) секогаш се нормира во зависност од потребата за подобра комуникација меѓу сите граѓани на една држава. Етничката јазична потреба не мора да се совпаѓа со државничката јазична потреба!
Сите ние, граѓаните на Македонската држава треба да се бориме за почитување на индивидуалните човекови права и и граѓански слободи на секој македонски граѓанин. Притоа, сите придобивки во меѓуетничкиот живот во државата се подведуваат под терминот: унапредување и грижа за културната разнообразност во Македонија. Етничката културна димензија на секоја човечка индивидуа е заедничкото културно богатство кое само ја облагородува Македонската држава. Почитувањето на културната различност ќе и даде атрибут на Македонската држава на граѓанска цивилизациска творба. Отука, етницитетот треба секогаш да биде изразен само како култура!
ЗАКЛУЧОК
Граѓанската димензија на Македонската држава не смее да биде заменета со тезата за држава на етнички колективитети. Давам поучен пример. Албанскиот народ јасно ја потврди својата определеност за државотворен суверенитет и самоопределување на албанците како национален супстрат на Албанската држава во 1913 година на дефинирана географска територија. Го спори ли некој тоа во Македонија! Сосема е природно албанската етничка заедница во Македонија да биде во “органска идентитетска врска” со својата матица во Албанија. Тоа е суштината на добрососедските односи. Но, се забележува се почесто негација на Македонската нација и држава од страна на одделни политички партии чиј што членови во најголем дел се македонски граѓани со албанска етничка самосвест?! Тоа е веќе појава на албански експанзионистички национализам!
Веројатно од тие причини, македонскиот национален супстрат намерно, со јавна политичка артикулација се деградира на ниво на етничка заедница?! Македонските Aлбанци мора да знаат дека се етничко малцинство во македонската држава, рамноправно со сите други етнички малцинства. Тоа е нивниот статус по меѓународни правни и политички стандарди. Во нашиот образовен систем основно начело треба да биде дека Македонската нација единствено може да се дефинира како носител на македонскиотсуверенитет на меѓународно призната територија со сите државнички атрибути, како што впрочем соседните нации-албанската, грчката, српската и бугарската нација се носители на суверенитетот во своите истоимени држави!
Автор: Марјан Ѓорчев