Кипарската маркетинг-агенција „Медиер“ поднесе тужба против познатиот боксер Мајк Тајсон во вредност од 1,5 милиони долари обвинувајќи го дека го прекршил договорот со нив учествувајќи во борба со Џејк Пол.
Агенцијата, која е со седиште во Лимасол, промовира обложувалница наречена „Рабона“, а тужбата е поднесена до Високиот суд во Лондон.
„Вистинската причина зошто Тајсон и неговата компанија „Тајраник“ нагло и незаконски го раскинаа договорот е бидејќи Мајк прифатил спонзорство со „Нетфликс“ за борбата против инфлуенсерот Пол“, стои во тужбата.
Договорот бил потпишан во јануари, а раскинат веќе во март, по што „Медиер“ бара враќање на 800.000 долари за непотполни услуги, како и 729.000 долари за непотребно потрошени продукциски и промотивни трошоци.
Од друга страна, адвокатите на Тајсон тврдат дека „Медиер“ го прекршиле договорот бидејќи користеле промотивен материјал без одобрение од нивниот клиент.
Џејк Пол го победи некогашниот апсолутен професионален светски шампион на стадионот на НФЛ клубот, Далас каубојс. Според информациите, Тајсон заработил 20 милиони долари за борбата со 30 години помладиот јутјубер, додека Пол добил двојно повеќе за боксерскиот спектакл пред 70.000 гледачи.