Обвинителката на државата Њујорк Летиција Џејмс денеска соопшти дека нема да ја повлече граѓанската тужба против новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, наведувајќи дека претседателите „не се имуни на граѓанските тужби“.
Трамп и неговите адвокати минатиот месец побараа Џејмс да се откаже од граѓанската тужба за измама во која наводно биле вклучени Трамп, неговото семејство и бизниси, пишува Фокс њуз.
На Трамп му беше наложено да плати 454 милиони долари врз основа на граѓанска пресуда во тужбата поднесена против него од Џејмс.
Обвинителството во Њујорк најави дека нема да преземе мерки за повлекување на случајот против Трамп и посочи дека претседателите не се имуни од граѓански тужби и дека овие тужби „може да продолжат додека претседателот е на функцијата“.
Оттаму, исто така, наведоа дека конечната пресуда не влијае на какви било активности што Трамп може да ги преземе како претседател.
Обвинителството додаде дека сега чекаат одлука за жалбата на Трамп и дека чекањето на таа одлука во врска со граѓанската тужба „не влијае на преземањето на претседателската функција од страна на Трамп“.