Колумни Црпков пашалак

СДС, трепнете ако сте киднапирани

Ок, можеби не доби Нобелова награда, ама Црпко си ги доби оние платените трофеи од ИФИМЕС и бесплатниот од Вован и Лексус. И СДС си го добија она што си го бараа. А си го бараат со боринче. Со години. Со насилна смена на име, затворање патриоти, наметната двојазичност, бугаризација на историја, погрчување на се’ останато. Велат, и малку им било. А пратеници премногу…

СДС, трепнете ако сте киднапирани

Фани Сорос призна дека знаела саде два-тројца во СДС, Венко среде емисија ачик му се упикуваше на Заев, а Сања даваше нов Лук (поглед) на партискиот дебакл. Демек, биле колатерална штета на фудбалчето и баскетот на Артан Нежни. А, вистината да ти била едноставна. Попроста, здравје. „Они“ да ти биле киднапирана партија. Она, кога „како бавчи“ ве работи најглупавиот политичар во светот. Ако не верувате, прашајте ги  Вован и Лексус. Ако повторно не сте убедени, на ред е Фројд и  недостигот на срам како прв симптом на…

„Врло“ позната ситуација, кога сите го знаат очигледното, ама е премногу безобразно да го кажете. Поради домашна култура ли, заради скрупули несоодветни за спротивниот табор, абе поради тоа што е премногу глупаво да кажеш некому дека е глупав. Затоа, тука беа руските пранкери, кои во овој случај ја одграа ролјата на детето од прикаската „Царот е гол“.

А овој, нивниот муртински „цар“, да ти бил и гол, погол здравје. Башка, бос. Многу бос, најбос. Во контекст на она народното „бос“, не шеф. Море, езеро ли, за жал, да ти бил и шеф, што е право. Не само во своите сто фирми, што македонски, што бугарски, грчки, албански ли. Aјванoт единаесета година шефувал ко деспот со една партија која си ја стокмил ѓоамити маалско гранапче. Црпковиот пашалак. Оком-скоком поданиците реагирале на неговите желби, аздисувал ко Луј 14-ти, менувал раководства како чорапи, црпни ваму-црпни таму и си местел претседатели, потпретседатели, цела врхушка ко пиончиња ги преместувал, рокади си токмел, си играл „онаквото“. Грмел пустиот. Нашол, па зашол, вели народот…

И, замисли, истата таа демек „државотворна“ партија која од државност немала „Д“ во себе, да ти паднала на 18 пратеника (по ново без Вики 17), пледирајќи и итајќи со 100 на саат кон заборав, а членството да ти чекало во ред пред кумановска општина. Максимално. Ако не верувате, прашајте го Максим, кој трла раце од ступидните и сервилни кадровски решенија и инфантилни политики на лидерот во сенка, тазе овенчан со врвна пранкерска титула.

Ок, можеби не доби Нобелова награда, ама Црпко си ги доби оние платените трофеи од ИФИМЕС и бесплатниот од Вован и Лексус. И СДС си го добија она што си го бараа. А си го бараат со боринче. Со години. Со насилна смена на име, затворање патриоти, наметната двојазичност, бугаризација на историја, погрчување на се’ останато. Велат, и малку им било. А пратеници премногу…

Искрено, што очекувавте од партија која ја раководи лик со Данинг-Кругеров ефект (сопствена преценетост на интелектуалниот капацитет), самобендисан ќелепур кој за се’ живо и диво се удира „у грудима нашима“ и притоа ги убедува сопартијците дека рибата смрдела од опашката. И затоа, партијата да ти смрдела надалеку. Обратно, ко што е редот – од главата. Од раководството, најмногу. Труе, базди, саде Другарче и болумнетата околу него не ја чувствуваат реата.

Затоа, не се чудете што не познавате никого освен Филипчо во новото раководство. А ни него по нешто арно. Не ги познавале ни во партија. Битно е да одговараат на фотороботот на ајванот кој уништува се’ што ќе допре. Чуму тогаш, да „расте трева“  кај соучесниците во антимакедонскиот злостор на Бихаќка?

Можеби, Заевистански синдром треба да го замени поимот Стокхолмски, но факт е дека очигледно им е убавко на киднапираните социјалдемократи кои не мора ни да трепнат за да кажат дека се во заложништо на пранкерскиот цар. Очебијно, мазохистички си уживкаат во пустошењето на партијата која до вчера од позиција на власт наголемо ја девастираше Македонија.

Се’ се враќа, вели народот, кој по се’ што оваа антимакедонска клапа му приреди, ќе каже еден збор, АИРЛИЈА.

П.С. СДС не се сами. По сите глупоштии од Софија, мечката две години по ред игра и таму, со 8-ми избори на повидок за 24 месеци. Заигра и во Париз, каде народецов на Макрон, творецот на „Францускиот предлог“, сега му праќа „Македонски предлог“. – Спакуј си ги куферите…

To top