Израелската армија нападна неколку цели во Либан, при што загинаа две лица. Израелската војска денеска соопшти дека нападите биле одговор на прекршувањето на примирјето од страна на Хезболах.
Либанското Министерство за здравство соопшти дека едно лице загинало во јужната област Марџајун. Според либански безбедносни извори, тоа било убиено при воздушен напад кога бил погоден мотоцикл.
Либанските државни безбедносни сили соопштија дека еден од нивните членови е убиен во напад со дрон во Набатије, јужно од Бејрут. Нападот беше „опасна ескалација и флагрантно кршење на либанскиот суверенитет“, соопштија безбедносните сили.
Израелската армија соопшти дека нападнала неколку воени возила кои дејствувале во област во долината Бека.
Исто така, соопшти дека ја нападнала, како што ја нарече, терористичката инфраструктура во областа Хермел, која се користела за шверц на оружје на сириско-либанската граница.