Јавното комунално претпријатие „Нискоградба“ постави три нови дрвени мостови на реката Драгор во Битола со кои е вратена безбедноста за минување на три фрекфенти места во градот.
Од денеска нов дрвен мост има во непосредна близина на Музејот на Албанската азбука, или како што битолчани го нарекуваат „Мостот кај каваци“ или кај тополите, а претходно мостови беа поставени кај местата викани „Рибарниците“ и „Кланица“, изјави за МИА, Зоран Талевски, директор на ЈКП „Нискоградба“.
-Дрвените мостови на реката Драгор беа небезбедни и дотраени, а дополнително го нарушуваа ликот на градот и каменото речно корито. Промената на мостовите опфати поставување на цврста челична подлога, дрвена патека и држачи кои се безбедни за пешаци од сите генерации. Новите дрвени мостови се инвестиција на претпријатието, а напролет целосно ќе биде заменет и дрвениот мост во старата битолска чаршија што води кон Мал битолски Монмартр, посочи Талевски и додаде дека очекува со новиот општински буџет да бидат издвоени посебни средства за одржување на мостовите на реката Драгор во Битола.
Како што е познато во урбаниот дел на градот, на реката Драгор има 16 мостови, најголем дел се железни, а има и бетонски и дрвени. (МИА)