Од денес започна новогодишното украсување на Битола, со кое годинава ќе бидат опфатени повеќе локации, почнувајќи од Офицерскиот дом, низ Широк Сокак, Плоштадот Магнолија, Старата битолска чаршија. Украсувањето вклучува и многу нови елементи, кои ќе бидат значајно надополнување на минатогодишните украси, а истовремено ќе создадат посебна новогодишна атмосфера низ битолските улици.
Комплетното украсување на градот, планирано е да биде завршено до 10 декември.
Локалната самоуправа, годинава планира и неколку новитети кои ќе ја збогатат празничната радост на сите генерации, а дополнително новогодишната магија од 20 декември до 6 јануари ќе биде исполнета и со Програмата на „Зимска приказна“, манифестација која општината ја реализира четврта година по ред, а има за цел да го поттикне културниот туризам и да овозможи прекрасна предновогодишна атмосфера во Битола.
Топлината на празничните денови кај Офицерскиот дом ќе биде збогатена и со традиционалните куќички со пијалоци, храна и сувенири. Секој ден ќе биде исполнет со концерти на локални и регионални бендови, како и детски претстави кои ќе ја воодушеват најмладата публика. Празничниот базар ќе понуди рачно изработени производи, локални деликатеси и сувенири кои ја рефлектираат магијата на Битола.
„Зимската приказна“ и оваа година со посебна програма ќе ја заживее Старата чаршија спојувајќи ја историјата и современоста преку уметнички и културни настани, изведби на улични уметници, промоција на традицијата, занаетчиството и гастрономијата, а нема да изостанат ниту културните содржини низ Широк Сокак.
Со завршувањето на планираните подготвителни активности, Битола ќе добие прекрасен предновогодишен блесок во кој граѓаните навистина ќе уживаат.