Во третиот квартал годинава во државава имало 10.010 слободни работни места, а најголем број односно 1.950 во услужните дејности и продажба, објави денеска Државниот завод за статистика.
Во групата Стручњаци и научници се регистрирани 1.909 слободни работни места, а следни се Елементарни занимања, 1.781, Занимања за неиндустриски начин на работа во производството, 1313, Ракувачи и составувачи на машини и постројки, 1.114, Техничари и сродни занимања, 1.001. Во групата Државни функционери, раководни државни службеници, дипломати и директори имало 33 слободни работни места, 28 во Воени занимања, 15 во Стручни работници во земјоделството, шумарството, рибарството и ловот.
Како што објави ДЗС, во третото тримесечје од годинава, стапката на слободни работни места изнесува 2,02 проценти. Највисока стапка на слободни работни места од 3.44 проценти има секторот Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, додека најмала е стапката во секторот Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување, во кој изнесува 0.11 проценти.
Деловните субјекти, со број на вработени од 10 до 49, имаат највисока стапка на слободни работни места, која изнесува 3.06 проценти.
Североисточниот Регион има највисока стапка на слободни работни места, односно 2.34 проценти.
Пополнети се 486.515 работни места.