До идната пролет нема да има промена на временскиот период во кој домаќинствата може да користат евтина дневна тарифа за електрична енергија, најави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.
-Имавме состанок со ЕСМ и со ЕВН Хоум на почетокот на октомври за воведување дополнителен час евтина дневна тарифа на електричната енергија за домаќинствата. Нашите анализи покажуваат дека цената на електричната енергија на најголемата берза во регионот, како и на нашата берза се најниски во периодот од 12 до 16 часот, а се највисоки од 20 до 24 часот. Имајќи во предвид дека нашите домаќинства веќе имаат стекнати навики во однос на евтината тарифа се одлучивме до пролетта да остане ситуацијата таква каква што е, а потоа врз основа на состојбата во АД ЕСМ ќе носиме понатамошни одлуки, рече Бислимоски во одговор на прашање на денешната прес-конференција.
Нагласи дека дневна евтина тарифа на електричната енергија има само кај нас.
-Македонија е единствена држава во регионот каде што има евтина тарифа во текот на денот. Електродистрибуција како компанија која управува со дистрибутивниот систем во наредниот период ќе започне да набавува паметни броила кои ќе им овозможат на снабдувачите да дадат поинтересни понуди кај домаќинствата и на дневно ниво да ги известуваат каква би била цената следниот ден, посочи Бислимоски.
Домаќинствата евтина тарифа на електричната енергија може да користат секој ден во периодот од 13 до 15 часот и од 22 до 7 часот, како и цел ден во недела.