На денешната седница во Собранието на Македонија пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски постави три прашања до заменик премиерот Фатмир Битиќи, до министерката Каја Шукова и до министерот за земјоделие Љупчо Николовски.
„Денес бевме сведоци на изјава од поранешниот генерален секретар на владата каде што многу конкретно и директно укажа дека, на суд, дека за она што е товарен добил директна наредба и насока од Фатмир Битиќи. Понатаму нема да коментирам за неговите искази велејќи дека во суштина тој не бил крив, тој е во затвор а тој што му ја дал наредбата сега глуми лидер на државата“, посочи Јаревски на седницата за пратенички прашања.
Јаревски постави прашање до министерот за земјоделие зошто според закон опожарената шума не е санирана и пошумена и по две години а согласно законот не пошумувањето е казниво и по закон.
„Второто прашање до министерот за земјоделие и шумарство Љупчо Николовски, 2021 година од вкупно 11 хектари шума, 4.500 се опожарени, жално е да се укажува сега што се требаше да се направи владата тоа да биде превентирано. Таа површина требаше да биде исечена и пошумена согласно закон. Не пошумувањето по 2 години е казниво по закон каде што вели 25-30 илјади евра за правното лице и 4 -6 илјади евра за одговорниот, директорот на македонски шуми. Времето измина не е пошумено, одговорност нема. Не прашувам зошто не го разрешил до сега бидејќи и така е оваа влада во заминување но добро е да дознаеме дали ќе има казна и ќе се сноси одговорност во однос на законот“, нагласи Јаревски.
Третото прашање е до министерката Каја Шукова дали владата има национална стратегија за аерозагадувањето и дали планира да преземе некои мерки за намалување на загадувањето.
„Денес сме повторно во топ 10 загадени градови во светот. Оваа власт дојде со ветување дека само што ќе дојдат на власт проблемот на воздухот ќе бил решен. Ситуацијата е се полоша. Ниту има мерки ниту се подобрува ситуацијата. Прашањето ми е дали владата има план или национална стратегија за справување со аерозагадувањето за оваа грејна сезона. Дали е планирано да се зголеми бројот на мониторинг станици, дали е извршено надоградба на постоечките станици и поставување на дополнителна опрема. И дали ако нешто е поставено да кажат колку тоа ја чини државата“, праша Јаревски.