По повод 20-годишнината од Денови на Гинисовите светски рекорди, највисоката и најниската жена во светот, Румејса Гелги и Џиоти Амге, конечно се сретнаа.
Румејса Гелги, турска научничка и адвокатка, ја носи титулата за највисока жена во светот со нејзината неверојатна висина од два метри и 15 сантиметри. Сепак, Џиоти Амге, индиската актерка има само 62,8 сантиметри, што и го дава статусот на најниска жена на светот.
Првата средба на овие две извонредни жени започна со пријателски поздрав, кога Гелги со насмевка на лицето рече „Здраво“.
Амге, која исто така изгледаше воодушевено, со топла насмевка и пријде на Гелги и изрази задоволство што ја запознава.
-Беше прекрасно да се запознаам со највисоката жена на светот, изјави Амге.
Гелги и Амге зборуваа за заедничките интереси, нагласувајќи ја нивната љубов кон грижата за себе, шминката, негата на ноктите и накитот. Иако физички се различни, тие се поврзуваа преку заеднички активности и слични интереси.
-Се чувствувам многу пријатно со неа, јас и Амге имаме многу заеднички работи, додаде Гелги.
Овие две жени добија посебно признание во јубилејното, 70. издание на Гинисовата книга на рекорди. Веќе како тинејџерка, Гелги стана највисоката личност на нејзината возраст, а во 2021 година официјално беше потврдена како највисоката жена во светот.
Амге веќе на 15-годишна возраст стана најниската тинејџерка, а во 2011 година постави рекорд како најниска жена на светот.