Потребни се реформи и тие ќе бидат насочени кон реформи на даночната администрација за да може таа поуспешно да ја исполнува својата мисија за собирање на даночните приходи, истакна директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова.
На панел дискусија во Битола на тема „Повеќе даночни приходи за побогато општество – перцепции и перспективи“, организирана во пресрет на Денот на даночните работници „29-ти Ноември – Св. Матеј“, Петрова нагласи дека посебен предизвик за УЈП е борбата против сивата економија и старт на проектот е-фактура.
-Сивата економија е предизвик за УЈП но предизвик и за самата бизнис заедница бидејќи претставува нивна нелојална конкуренција. Ако порано сивата економија беше на пазарите и на улиците, сега сивата економија е префрлена и на интернет, односно дел од онлајн продажбите и трговија влегуваат во делот на сива економија, во делот на нерегистрирани даночни обврзници. Ние сметаме дека во овој дел исчекор може да се направи со воведување на системот е-фактура бидејќи овој систем од аспект на УЈП и контролните механизами што треба да ги има УЈП ќе ги подобри можностите за контрола, бидејќи ќе ги обединува податоците за целиот промет во земјата, а со тоа полесно ќе се детектираат ризични трансакции. Во таа смисла, до крајот на месецов ќе почне постапката за јавна набавка за е-фактура, во текот на 2025 година ќе се работи на развојот на софтверско решение, креирање на регулативата и работа со даночните обврзници, а тоа значи дека системот е-фактура е планиран да стартува во 2026 година, истакна Петрова.
Во изјава за медиумите Петрова потсети дека УЈП во делот на даночната политика и согласно определбата на владата, ќе ја задржи политиката на ниски даночни стапки и се што треба да претставува поголем инпут во националниот буџет.
-Подобрата наплата на даночните приходи треба да произлезе од поголема ефикасност и ефективност на даночната администрација. За подобро собирање на даночните приходи и за побогато општество, перспективите се во поефикасна и поефективна администрација. Потпирајќи се на новите технологии, но и преку подобри начини на комуникација и информирање на даночните обврзници за правилно да ја разбираат регулативата и правилно да ги исполнуваат своите даночни обврски ќе се овозможи целосно доследно и објективно исполнување на сите законски овластувања што ги има УЈП во однос на се она што претставува даночна евазија и ненавремено плаќање на даноците, посочи Петрова.
На панел дискусијата во Битола со свои презентација учествуваа експерти и соработници на Управата за јавни приходи, а на домаќинот, подружницата на УЈП во овој град му беше доделена плакета за успешно е ефикасно работење.