Свет Крај на војната?

Израел се приближува до примирје со Хезболах, иако сè уште има нерешени прашања

Минатата недела, водачот на групата, Наим Касем, рече дека движењето го разгледало и одговорило на предлогот на САД за примирје и дека сега е во „израелски раце“.

Израел се приближува до примирје со Хезболах, иако сè уште има нерешени прашања

Израел се приближува до примирје во својата војна со либанската група Хезболах, но сè уште има отворени прашања, се наведува во соопштението на владата.

„Се движиме кон договор, но има уште неколку прашања кои треба да се решат“, изјави портпаролот на израелската влада Дејвид Менсер, без да наведе повеќе детали.

Амбасадорот на Израел во САД, Мајкл Херцог, за израелското радио Џи Ел Зи изјави дека постигнувањето на договорот е близу и „може да се случи за неколку дена“.

„Треба само да ги финализираме последните детали“, рече амбасадорот.

Крајно десничарскиот министер за национална безбедност на Израел, Итамар Бен-Гвир, продолжува да притиска за војна до „апсолутна победа“. Во обраќањето до премиерот Бенјамин Нетанјаху на социјалната мрежа Х, тој напиша дека „се уште не е доцна да се запре овој договор“.

Конфликтот меѓу Израел и Хезболах ескалира во целосна војна во септември, кога израелската војска тргна во офанзива, изведувајќи воздушни напади над големи области на Либан и испраќајќи војници на југот на земјата.

Во воздушните напади против Хезболах беше убиен водачот на групата, Хасан Насрала, како и други високи команданти на движењето и предизвикаа широко распространето уништување на многу места во Либан за кои се верува дека се под контрола на групата, вклучително и во јужните предградија на Бејрут.

Минатата недела, водачот на групата, Наим Касем, рече дека движењето го разгледало и одговорило на предлогот на САД за примирје и дека сега е во „израелски раце“.

Израел рече дека воената акција била со цел да се обезбеди враќање на десетици илјади луѓе евакуирани од северот на земјата поради ракетните напади од страна на движењето Хезболах, кое ги започна нападите во знак на поддршка за Хамас во војната што започна во октомври 2023 година

Поради израелската офанзива, над еден милион луѓе ги напуштија своите домови во Либан.  (МИА)

To top